Нема дрога, а ни жена што не ја пробал: Детството му го одбележала трагедија, а ни во староста не се „смири“

Точка

07/11/2025

15:43

2.430

Големина на фонт

а а а

Неговиот длабок глас, едноставните акорди и зборовите натопени со меланхолија го направија Леонард Коен еден од највлијателните кантавтори на 20 век.

На денешен ден пред 9 години почина Леонард Коен, уметник чии песни и стихови засекогаш ја променија границата меѓу поезијата и музиката. Неговиот длабок глас, акордите и текстовите исполнети со меланхолија го направија еден од највлијателните кантавтори на 20-от век.

Детство во сенка и светлина на традицијата

Коен е роден на 21 септември 1934 година во Монтреал, во богато еврејско семејство. Мајка му Маша, со потекло од Литванија, била музички талентирана и му ја пренела љубовта кон песната, додека татко му Нејтан, трговец со облека од полско потекло, во неговиот живот внел чувство за ред и одговорност.

Семејната традиција била длабоко вкоренета во јудаизмот — младиот Леонард често ги набљудувал верските обреди од третиот ред во синагогата, впивајќи ги тоновите и молитвите. Но идилата на детството ја нарушиле најпрво вестите за Холокаустот, а потоа и смртта на неговиот татко, кога имал само девет години.


Коен подоцна признавал дека во младоста се борел со несигурност — особено поради својата висина. Во чевлите, наводно, ставал хартиени марамчиња за да изгледа повисок. Сè се променило кога ја открил гитарата. Еден шпански учител му ги покажал основните акорди и го упатил кон поезијата на Федерико Гарсија Лорка — поетот кој ќе го следи цел живот.

„Се однесува како да е многу повисок отколку што навистина е“, рекла една осумнаесетгодишна девојка напуштајќи ја неговата хотелска соба — забелешка што совршено ја опишува неговата харизма.

Од поезија до гитара – патот кон уметноста

Првиот бенд го основал уште во средно училиште. Иако неговите рани поетски збирки му донеле признанија, финансискиот успех бил скромен. Во 1959 година добил стипендија од 2.000 долари, која ја искористил за патување низ Европа.

На грчкиот остров Хидра го пронашол својот мир. Таму купил стара камена куќа без струја и вода за 1.500 долари. Живеел скромно — со шише алкохол и тетратка полна со песни кои секојдневно ги запишувал.

„Тиражите беа мали, пари немаше, и очигледно морав да почнам да правам нешто друго. Затоа заминав за Нешвил... Сега, гледано наназад, тоа ми изгледа како врв на лудоста“, признал подоцна Коен.

Во Нешвил не станал гитарист, но патот го одвел во Њујорк — во легендарниот „Chelsea Hotel“, центарот на боемската уметничка сцена, каде се собирале Џек Керуак, Енди Ворхол и многу други.


„Тоа беа опасни времиња — не смееше да изедеш чипс на забава, бидејќи можеби e посипан со дрога... Еднаш зедов само едно парче чипс и четири дена не можев да ја најдам својата соба“, се присетувал духовито.

Првите успеси и раѓањето на музичката легенда

Судбоносниот момент дошол кога пејачката Џуди Колинс ја слушнала песната „Suzanne“. Веднаш ја снимила и го поканила Коен да настапи со неа на концерт против војната во Виетнам во 1967 година. Преплашен, тој побегнал од бината, но Џуди го вратила — публиката го пречекала со овации.

Набргу го издал својот прв албум „Songs of Leonard Cohen“, кој му донесе култен статус и пријателства со Боб Дилан, Џоан Баез и Џими Хендрикс. Следните изданија — „Songs from a Room“, „Songs of Love and Hate“ и „New Skin for the Old Ceremony“ — ја зацврстија неговата репутација.

Но, со појавата на диско музиката во седумдесеттите, светот накратко го изгуби интересот за неговата меланхолија. Тој, во свој стил, прокоментирал:

„Песимист е човек што очекува дожд. Јас веќе сум мокар до кожа“.

Враќање и борба со сенките

Кон крајот на осумдесеттите повторно заблеска со албумот „I'm Your Man“ (1988), кој отвори ново поглавје во неговата кариера.

Со успехот дојдоа и пороците — цигари, виски и апчиња. Сакајќи да се пошегува, знаеше да каже дека испил „500 тони виски и испушил милиони цигари“.


„Рекреативни, зависнички или фармацевтски — нема дрога што не сум ја пробал... Најмногу го мразев прозакот затоа што ми го потиснуваше либидото“, признавал со иронија. Наместо дрога, понекогаш избирал медитација, пост и тишината на будистичките манастири.

Љубовите што станаа песни

На Хидра ја запознал норвешката манекенка Мариен Џенсен, која станала негова долгодишна инспирација. Нивната врска траела повеќе од шест години, меѓу Грција и Канада, сè додека не го изгубила во вртлогот на њујоршкиот живот. „So Long, Marianne“ остана неговиот музички поздрав до неа.

Следното поглавје донело кратка, но бурна романса со Џенис Џоплин, овековечена во песната „Chelsea Hotel No. 2“.

Неговиот однос со Сузан Вердал, сопруга на скулпторот Арманд Вајанкур, бил платонски, но ѝ ја посветил една од своите најпознати песни — „Suzanne“. Пријателството со пејачката Нико го опишувал како средба со „најубавата жена што некогаш ја видел“.

Кратко бил и со Џони Мичел, која подоцна изјавила: „Малку се разочарав кога сфатив дека не е баш оригинален, туку многу зел од Лорка и Ками“.


Во седумдесеттите започнал врска со Сузан Елрод, тогаш деветнаесетгодишна уметница, со која добил син Адам и ќерка Лорка. Никогаш не се венчале. Причината ја опишувал како „кукавичлук и страв од брак“. По разделбата и борбата за старателство, во неговиот живот се појавиле нови жени — фотографката Доминик Исерман и актерката Ребека де Морнеј, на која ѝ го посветил албумот „The Future“.

Последните години и тишината на поетот

Во подоцнежните години, Коен живеел меѓу Монтреал и Лос Анџелес, во скромен стан над домот на својата ќерка Лорка. Ѕидовите биле бели, подовите стари, мебелот едноставен. Носел костуми „Armani“, пиел кафе и пишувал секое утро. Закитен со сите можни признанија, меѓу кои и „Греми“ за животно дело, живеел повлечено и мирно.

„Како да се крена некоја магла што покриваше сè. И чувствувам огромно олеснување што повеќе не морам да се грижам дали сум среќен“, рекол пред крајот на животот.

Леонард Коен замина тивко, но неговата поезија и глас сè уште одѕвонуваат низ светот. Тој беше поет што ја разбираше тагата — и знаеше од неа да создаде музика.