Случајот Стоилев ја откри корупцијата во земјоделството преку ИПАРД програмите, велат од Левицата

Макфакс

07/11/2025

11:21

221

Големина на фонт

а а а

Последниот случај со апсење на Илија Стоилев, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од Свети Николе под сомнение за земање мито, само ги потврдува гласините дека за добивање на средства од ИПАРД фондовите се бара поткуп, велат од Левица.

„Стоилев е уапсен во акција што ја водеше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Неофицијално, акцијата е поврзана со пријава дека Стоилев побарал и примил мито од апликант за да му се додели договор за финансиска поддршка преку програмата ИПАРД. По пријавата во МВР, на апликантот му биле дадени обележани банкноти, со чија помош директорот бил фатен при земањето на парите.

Години наназад е општо познато помеѓу земјоделците и апликантите за средства од ИПАРД програмите, дека за добивање на грант за набавка на земјоделска механизација или друга опрема, постоела тарифа за плаќање на мито“.

Овој случај, според Левица, само ја потврдува тезата дека ИПАРД проектите се високо коруптивни и дека е потребен нов, систематизиран пристап кон финансирање и поддршка на развојот на земјоделството и одржливоста со домашното производство на храна.

Потребна е, додаваат од партијата, темелна реформа во начинот на распределба на средствата, со поголема транспарентност, јавна контрола и дигитализација на процесите за да се исклучи човечки фсктор и можност за злоупотреби.

„Најважна е едукацијата на земјоделците за да можат самостојно да аплицираат, а не да зависат од посредници и консултанти кои најчесто се тесно поврзани со вработените во Агенцијата.

Само со воспоставување на фер, транспарентен и одговорен систем, земјоделството ќе се ослободи од клиентелизмот и корупцијата и ќе стане двигател на економијата“.