„Ние се доведовме до ситуација во 21 век да зборуваме за елементарни работи и навистина сето тоа делува помалку и комично, но кога некои работи треба да се направат, мора да се направат и како што кажа градоначалникот за време на изборната кампања тој вчера во исклучително рекордно време успеа да ги мобилизира сите капацитети. Но, исто така им благодарам и на општествено одговорни компании кои се вклучија во акцијата и мислам дека вчера беше сето тоа убаво и една ваква робусна акција денеска ако ништо друго можевме да видиме дека контејнерите се барем празни и чисти“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски рече дека нечистењето на ѓубрето е политичка стратегија на опозицијата, но дека новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски уште првиот ден ги засукал ракавите и започнал со работа.
„Навистина делува смешно, јас ве разбирам и јас понекогаш можеби би се насмеал за сето ова кое што го зборуваме. Но, за жал се доведовме до една ваква ситуација и оваа беше политичка стратегија на опозицијата, преку неработењето на претходната градоначалничка нанесе штета, пред се на Владата и на државата. И морам да признам дека во одредена мера успеа со сето тоа. Но, ние таа лекција ја научивме и затоа уште во првиот ден ги засукавме ракавите и започнуваме од темелите или од под темелите. Така беше во владата кога дојдовме со долгови, така и во градот. Така што мора да гребеме од под темелите, за да дојдеме до површината и потоа да градиме нагоре. И мислам дека тоа го прави квалитетно уште од самиот почеток новиот градоначалник. Јас сакам само да кажам дека немате во животот втора шанса за прв впечаток. Така што многу е важен првиот впечаток и мислам дека тука новиот градоначалник тоа ќе го оправда“, изјави премиерот Мицкоски.







