Онколог: Би сакала жените над 50 години да ја избегнуваат оваа храна

Точка

06/11/2025

17:39

956

Големина на фонт

а а а

Ризикот од рак на дојка расте со годините, а статистиките покажуваат дека секоја осма жена во текот на животот ја развива оваа болест. Иако генетиката има голема улога, лекарите нагласуваат дека постојат фактори на ризик врз кои можеме да влијаеме — а исхраната е еден од најважните.

„Исхраната е еден од ретките фактори на ризик врз кои навистина имаме контрола“, вели д-р Прити Субедар, онколошки хирург, за „Parade“.

Според неа, начинот на исхрана влијае не само на ризикот од рак, туку и на појава на дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни заболувања. Иако некои намирници го штитат здравјето, други можат сериозно да го нарушат — затоа д-р Субедар советува жените над 50 години да го намалат внесот на храна што го зголемува ризикот од рак на дојка, пренесува „Index.hr“.

Таа препорачува ограничување на намирници со висок гликемиски индекс, како што се бел леб, бел ориз, печива, засладени житарки и газирани пијалаци.

„Храната со висок гликемиски индекс брзо го зголемува нивото на шеќер во крвта, што предизвикува нагло лачење на инсулин“, објаснува докторката.


Од друга страна, намирниците со низок гликемиски индекс го ослободуваат шеќерот побавно, одржувајќи стабилно ниво на инсулин. Ваквата рамнотежа, додава таа, спречува создавање услови за раст на абнормални клетки и воспаленија, кои можат да го зголемат ризикот од развој на рак.

„Храната со висок гликемиски индекс поттикнува лачење на инсулин и факторот на раст IGF-1, кои можат да предизвикаат неконтролиран раст на абнормални клетки“, нагласува д-р Субедар.

Таа предупредува и дека ваквата исхрана доведува до зголемување на телесната тежина, што пак го зголемува нивото на естроген — хормон кој директно го зголемува ризикот од рак на дојка.


Сепак, додава:

„Бидејќи поврзаноста е индиректна, не треба опсесивно да се избегнува секоја намирница со висок гликемиски индекс. Важно е само тие да не се дел од секојдневната исхрана.“

Како поздрави алтернативи, д-р Субедар препорачува зелен лиснат зеленчук, интегрални житарки, мешунки и овошје.

Наместо компир, советува пире од карфиол, а белиот ориз може да се замени со киноа или кафен ориз.


„Медитеранската исхрана е најдобар пример за план што ги ограничува намирниците со висок гликемиски индекс и го поттикнува внесот на оние со низок“, додава хирургот.

Покрај исхраната, таа препорачува и одржување на здрава телесна тежина, редовна физичка активност и умерен внес на алкохол — три клучни навики кои, заедно со правилна исхрана, можат значително да го намалат ризикот од рак на дојка.