Замокот „Мирамаре“ кај Трст, опкружен со еден од најимпресивните европски паркови и сместен на самиот врв на ’ртот Грињано, веќе речиси два века привлекува многу туристи со необичната комбинација на аристократски сјај, романтика и длабоко вкоренети легенди.
Додека се шетате низ неговите градини што се прелеваат во Јадранското Море или влегувате во одаите сочувани во оригиналната форма од 19 век, станува јасно зошто овој простор многумина го сметаат за најубавата градина, но и културно наследство во Европа.

Замокот настанал од визијата на надвојводата Фердинанд Максимилијан Хабсбуршки, кој, според преданието, првпат го видел 'ртот Грињано за време на бура. Додека барал засолниште, се вљубил во каменестиот полуостровски гребен кој тогаш бил сосема оголен. Толку го маѓепсала таа глетка што веднаш одлучил токму таму, на работ на карпите кои се судираат со морето, да изгради дом за себе и својата млада сопруга, Шарлота од Белгија.

Помеѓу 1856 и 1860 година, во Трст се изгради резиденција што требало да биде нивно прибежиште – место за одмор, култура и мирен живот, далеку од политичките интриги во Виена. Замокот, чијшто назив значи „поглед на море“, и во чиј состав се наоѓа најубавата градина во Европа, е обликуван во стил на доцниот романтизам со елементи на готика и ренесанса. Одвнатре, ентериерот зрачи со раскош на епохата: кралски салон украсен со црвена свила, кабинети, одаи на Шарлота полни со фини ткаенини и парчиња мебел увезени од целиот свет, како и прочуената спална соба на Максимилијан, уредена како бродска кабина – омаж кон неговата поморска кариера.
Среќа со краток здив
Нивниот престој во замокот бил, сепак, краток и трагичен. На повик на Наполеон III, младата двојка во 1864 година го напушта „Мирамаре“ и заминува во Мексико, каде Максимилијан станува император. Само три години подоцна, среде граѓанска војна, бил заробен и погубен. Шарлота по неговата смрт психички се скршила и остатокот од животот го поминала во изолација.

Од тогаш, „Мирамаре“ е носител на нивната несреќна судбина, која со времето родила низа легенди.
Градина како ремек-дело
Додека архитектурата на замокот е импресивна, неговата градина е вистинско ремек-дело. Пространа на скоро 22 хектари, таа е полна со ботанички видови што Максимилијан ги донел од своите патувања како адмирал на австриската воена морнарица. Егзотични дрвја, монументални алеи и внимателно уредени тераси го прават овој парк еден од најубавите градини во Италија, но и на Стариот континент.
Во есен, кога боите се прелеваат од темнозелени до златни и бакарни нијанси, „Мирамаре“ изгледа како изваден од романтични романи. Во еден дел од паркот се наоѓа и „Кастелето“ – мал замок што за време на изградбата служел како привремен дом на младата двојка. Неодамна реновиран, денес повторно го открива шармот на оригиналното уредување.

Од 1955 година, „Мирамаре“ е претворен во државен музеј. Поради зачувување на мебелот, ткаенините и автентичниот распоред на предметите, фотографирањето на ентериерот е забрането. Посетителите сепак можат да ги видат просториите во кои живееле Максимилијан и Шарлота, приемните салони, работните простории, како и делот што во 20 век го уредувал војводата од Аоста, кога биле воведени лифт, греење и првите модерни инсталации.
Легенди за љубов и проклетство
Преку децениите, „Мирамаре“ станал дом на многу приказни што се пренесуваат од генерација на генерација.
Најпозната е онаа за духот на Шарлота, за кој се верува дека сѐ уште лута по ходниците барајќи го Максимилијан. Многу посетители тврдат дека во нејзините простории чувствуваат ладен налет на воздух или слушаат шепот.
Втората приказна се однесува на проклетството на замокот. Според локалното предание, секој кој би преспал во ѕидовите на „Мирамаре“ ќе доживеел насилна смрт. Во текот на историјата, многумина ја поврзувале оваа легенда со несреќите на воените единици што во минатото биле привремено стационирани во замокот.

Трета, можеби најромантична легенда, се однесува на заљубените парови. Се верува дека посетата на замокот носи лоша среќа за љубовните односи, бидејќи ниедна љубов не може да преживее под сенката на трагедијата на Максимилијан и Шарлота. Локалците советуваат „Мирамаре“ да се посети со пријатели, а не во пар – „за секој случај“.
Патот по море води директно кон замокот
Патот кон Трст кој го следи јадранскиот брег ве води речиси директно до замокот. Неговите бели ѕидови се истакнуваат од пејзажот уште од голема оддалеченост. На влезот, посетителите ги пречекува широка алеја што се спушта кон морето, додека погледот од терасите на замокот открива панорама што одзема здив.

За многумина кои доаѓаат во Трст на кратки, викенд-патувања, „Мирамаре“ е неизбежна станица. Без разлика дали ве привлекува архитектурата, историјата, величествените пејзажи или едноставно желбата да се прошетате низ парк каде секое дрво има своја приказна, тука навистина вреди да се дојде.









