Денес се одржа конститутивната седница на новиот состав на Советот на Општина Кисела Вода, на која беа верификувани мандатите на новоизбраните 27 советници. За претседателка на Советот е избрана Светлана Колариќ.
Во своето обраќање, Колариќ истакна дека изборот ја обврзува уште посилно да работи во интерес на граѓаните и да го унапреди демократскиот дијалог во рамки на Советот.
„За мене е чест повторно да свикувам и раководам со седниците, да се грижам за организацијата и работата на Советот и директно да учествувам во носењето на акти од чија имплементација зависи одвивањето на процесите во нашата заедница. Од овде испраќам јасна порака до вас и до граѓаните – Советот не е место за политички натпревари, туку за носење на цврсти и одговорни одлуки со кои го креираме нашето секојдневие и се грижиме за нашите сограѓани. Од нашите одлуки зависи дали ќе се изгради или реконструира градинка, училиште, спортски објект, културен или младински дом, дали ќе се прошируваат и подобруваат мрежите за водоснабдување и канализација, уличното осветлување, зеленилото и урбаниот соживот. Впрочем, тоа е суштината на локалната власт: да се реализираат конкретни проекти, да се донесат видливи резултати и домаќински да се користат буџетските средства. Секој од нас е гласот на својата заедница и токму во тоа е силата на децентрализацијата- одлуките да се носат во дослух со граѓаните и врз основа на нивните потреби“, изјави Колариќ.
На седницата се обрати и новата градоначалничка на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
„Силно верувам дека од денес па во наредните четири години ќе бидеме обединети околу она што ни е заедничко, а тоа е интересот на граѓаните. Само така, со заедничка сила, со меѓусебна почит и конструктивна соработка, можеме да ја движиме нашата општина напред. Советот е срцето на локалната демократија, гласот на жителите од сите населби и населени места во Општина Кисела Вода. Вие сте нивниот глас, нивната енергија и нивната надеж дека решенијата се можни, ако сите се залагаме искрено и посветено. Како градоначалничка, мој приоритет ќе биде јасен, да ја реализирам програмата што ја ветивме, со целосен фокус на потребите на жителите. Верувам во партнерство, во дијалог и во заедништво. Нека оваа конститутивна седница биде симбол на нов почеток – почеток на соработка, разбирање и заемна поддршка. Да покажеме дека можеме да ги надминеме разликите и да се обединиме во целта – да ја направиме Кисела Вода место на кое секој ќе биде горд што живее. Ви посакувам успешна и плодна работа.Нека овој совет биде пример на зрелост, мудрост и визија. А јас, како ваша градоначалничка, ветувам дека ќе бидам отворена за секој предлог, подготвена за секоја соработка и посветена на секој граѓанин“, изјави Стаменкоска-Трајкоска.
Во новиот состав има 17 советници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 5 од Левица, 4 од СДСМ и 1 од партијата ЗНАМ. Советот брои 17 мажи и 10 жени, претставници на различни професии и генерации.















