Министерот за здравство Азир Алиу денеска се обрати на четвртата годишна конференција за здравство во организација на Американската стопанска комора „Ам Чам“, која годинава е посветена на темата „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“.
Во своето обраќање министерот Алиу се осврна на повеќе тековни проекти за зајакнување и унапредување на капацитетите во јавното здравство. Во рамките на панел-дискусијата со претставници од институциите, бизнис-секторот и пациентските организации се разговараше како од реактивен да се премине кон проактивен здравствен систем.
„Дијагнозата за нашиот систем е недостиг на основни податоци, нејасно дефинирани временски процеси и краткорочни приоритети. Затоа почнавме со изработка на десетгодишна национална стратегија за човечки капацитети, која ќе биде независна од дневната политика. Дополнително, во партнерство со Медицинскот факултет при УКИМ и факултетите за медицински науки во Тетово и Штип ги почнавме реформите на специјализациите и супспецијализациите со кои ќе се опфати редефинирање гранки, скратување дел од програмите и зајакнување на пошироките специјализации – интерна медицина и општа хирургија – за усогласување со реалните потреби на системот“, посочи министерот Алиу.
Тој го истакна и зајакнувањето на примарното здравство и превенцијата, со нови вработувања и постапка за набавка на 100 возила за итна медицинска помош, како и надградбата на дигиталната поддршка за пациентите преку „Мој термин“, „Мое здравје“ и подготовка на национални мрежи за радиологија и телемедицина. Посочи дека е во тек дигиталната трансформација и воведени се нови модули во „Мој термин“ за евиденција на прегледи од областа на медицинта на трудот и систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови, со која првпат се почнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивна листа.
„Работиме на регионално планирање кадар и ресурси и на децентрализација на онколошката грижа во ГОБ ‘8 Септември’, Тетово и Битола, а во Гостивар веќе е ставена во функција нова хируршка сала за ортопедија и трауматологија. Од првиот ден воведов отворен кабинет и контакт-форма за директен дијалог со граѓаните, а во тек се консултации за пакет-измени и дополнувања на 12 закони за поквалитетни и подостапни услуги. Нашата цел е јасна и споделена – тоа е здравство што навреме испорачува квалитетни услуги, со пациентот во центарот“, заклучи министерот Алиу.











