Дали сте знаеле дека многу облакодери во Њујорк немаат 13-ти кат? Еве зошто е тоа така

Точка

31/10/2025

18:52

1.809

Големина на фонт

а а а

Ако некогаш се најдете во лифт на некој њујоршки облакодер, можно е да забележите необичен детаљ – по копчето за 12-ти кат, често следува она за 14-тиот. Не, не станува збор за некој американски систем на броење катови, туку за целосно изоставање на тринаесеттиот кат.

Причината за тоа лежи во длабоко вкоренетото суеверие, пишува „LADbible“.

Оваа пракса е толку распространета што, според студијата на порталот „StreetEasy“ од 2020 година, само девет проценти од станбените згради во Њујорк со 13 или повеќе катови навистина имаат тринаесетти кат. Компанијата „Otis Elevator“ наведува уште поневеројатен податок – дури 85 проценти од нивните лифтови во градот воопшто немаат копче за 13-ти кат. Наместо тоа, катот едноставно се прескокнува и се означува како 14-ти или кат 12А, а понекогаш тој простор се користи за складишта, технички простории, или едноставно останува празен.

Интересно е што оваа појава најчесто се однесува на станбените згради, додека познатите деловни обележја како „Empire State Building“ и зградата „Flatiron“ имаат официјален 13-ти кат.

Страв што ја обликува архитектурата

Главниот виновник за „исчезнатиот кат“ е трискаидекафобијата – страв од бројот 13. Инвеститорите и градителите, водени од прагматичност, не сакаат да ризикуваат суеверието на потенцијалните купувачи или станари да им ја отежне продажбата или изнајмувањето на недвижнини.

Архитектонскиот историчар Ендрју Алперн објаснил за „The New York Post“:

„Знам дека постојат многу луѓе во овој свет кои, од којзнае какви чудни причини, сметаат дека бројот 13 е несреќен. Од гледна точка на секој градител, сопственикот е заинтересиран да го изнајми просторот и не сака ништо да му застане на патот. Затоа 13-тиот кат едноставно исчезнува“.

Алперн смета дека сè започнало со еден сопственик на зграда:

„Можеби некој станодавач открил дека луѓето не сакаат да изнајмат стан на 13-ти кат, па го отстранил. Потоа тоа го копирал друг, и на крај станало обичај. Тоа е една од оние типично њујоршки работи“.


Корените на стравот од бројот 13

Иако изгледа необично да се плашите од број, овој страв има длабоки корени во западната култура и митологија. Потеклото не е целосно разјаснето, но постојат неколку теории.

Едно од најпознатите објаснувања потекнува од христијанството и Тајната вечера, каде Јуда – кој го предал Исус – бил тринаесеттиот гостин на трпезата. Во нордиската митологија, богот на измамата Локи бил непоканет тринаесетти гостин на вечерата на боговите, што довело до смртта на богот Балдр. Покрај тоа, тринаесеттата карта во тарот традиционално ја претставува Смртта.

Без разлика на потеклото, суеверието очигледно е доволно силно за и денес да ја обликува силуетата на еден од најголемите градови во светот.