Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, изјави дека владините политики за привлекување нови авиолинии на скопскиот и охридскиот аеродром веќе даваат резултати, најавувајќи 11 нови дестинации што стартуваат со зимскиот распоред на летање.
„Со зимскиот распоред на летање, веќе од утре – 27 октомври, од Охрид ќе се лета кон Базел, исклучително важна дестинација која го отвора Охрид не само за туристите од Швајцарија, туку и за оние од Франција и Германија“, изјави Николоски.
Тој додаде дека од скопскиот аеродром се воведуваат линии кон Стокхолм (главниот аеродром), Штутгарт, Бари и Ларнака (Кипар), а од 3 ноември ќе започнат летови и кон Женева и Мадрид, додека од 15 декември ќе следуваат Прага и Келн.
„Ако на ова го додадеме и тоа дека од април ќе се лета кон Будимпешта и Неапол, тогаш добиваме целосна слика за напорите на Владата да ја направи Македонија достапна и поврзана со остатокот од Европа“, рече Николоски.
Тој потенцираше дека субвенциите се насочени кон патници кои пристигнуваат во земјата, со цел да се поттикне туризмот и економскиот развој, нагласувајќи дека ваков раст на авиосообраќајот не е виден со децении.







