Во Македонија веќе не е чудо водоводџија или плочкар да заработува колку програмер во странство. Побарувачката е огромна, а луѓето што навистина се мајстори на својот занает – ретки.
Граѓаните веќе се жалат дека за да најдат човек кој ќе им среди водовод, ќе им залепи плочки или ќе им постави паркет, треба да чекаат со недели, па и месеци.
И тоа, не за да им направи нешто комплицирано, туку најобично – замена на славина, плочка, под. Но, тие што се добри, веќе си ја ценат својата работа. И наплатуваат така.
„Сега едноставно нема луѓе. Некогаш знаевме дека ќе најдеме мајстор во секое маало, сега се бројат на прсти“, вели Зоран од Прилеп, кој веќе три недели чека плочкар за бања што е полузавршена. „Ми бараа 400 евра само за поставување, без материјал. А ако ми се брза – уште повеќе“, додава.

Градежните експерти велат дека недостигот на вакви занаетчии е особено изразен во внатрешноста на земјата.
„Во Скопје сè уште има понуда, но низ градовите како Пробиштип, Кавадарци, Битола, Кичево – веќе одамна се чувствува недостиг.
Дел од тие луѓе си заминаа во странство, а младите воопшто не покажуваат интерес за занает“, објаснуваат експертите.
Тие додаваат дека во последниве пет години цените на занаетчиските услуги се зголемиле и до 60 отсто.
„Водоводџија денеска зема од 50 до 80 евра за едноставна интервенција, а ако треба поголема санација, лесно оди и над 300 евра. Плочкарите и гипсарите – уште повеќе. Некои имаат работа за цела година однапред, буквално без ден одмор“, вели тој.

Проблемот, според експертите, не е само во тоа што ги нема. Туку што и тие што останале, не секогаш работат квалитетно.
„Ми дојдоа тројца различни мајстори за еден ѕид, и секој ми направи полошо од претходниот. На крај сам го доработував“, раскажува Илија од Штип. „Плаќаш по европски цени, а добиваш работа како да е од вчерашни ученици“.
Интересно е што токму овие занаети, кои пред само две децении се сметаа за „поевтина“ работа, денес носат сериозна заработка. Некои водоводџии и електричари што работат приватно пријавуваат месечен приход и до 2.000 евра.
Дел од нив дури не ни сакаат да одат во странство. „Што ќе барам јас во Германија кога тука имам работа колку што сакам и сум дома?“, вели еден електричар од Велес.
Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.










