Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија соопшти дека ќе ја почитува одлуката на Граѓанскиот суд во Скопје со која се изрекува времена забрана за најавениот штрајк, што требаше да се одржи в понеделник. Од синдикатот најавуваат дека ќе ја обжалат одлуката пред Апелациониот суд и ќе поднесат претставка до Републичкиот судски совет против судијката што го водела предметот.
Претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски, изјави дека штрајкот ќе биде ставен во мирување, но дека синдикатот нема да се откаже од своите барања, кои се дел од Спогодбата потпишана по завршената постапка за помирување во 2023 година.
Од Синдикатот тврдат дека не биле известени за тужбеното барање и не добиле можност за одбрана, обвинувајќи дека судската одлука е донесена спротивно на закон, без закажано рочиште и без утврден рок на важност. Тие сметаат дека решението се темели на неточни податоци и дека барањето на М-НАВ било погрешно третирано како временa мерка.
Дополнително, синдикатот укажува дека од 18 нововработени во М-НАВ под актуелното раководство, реална потреба имало само за петмина, додека вработените во контролата на летање работат во, како што велат, катастрофални услови – без тоалети, вода и ефикасен систем за греење и ладење во контролната кула.