Меџити: Чаир почна нова ера на развој

Макфакс

17/10/2025

14:25

126

Големина на фонт

а а а

Денес, на последниот ден од кампањата за локалните избори на 19 октомври, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, пред граѓаните презентираше целосен преглед на својата програмска понуда.

Меџити ги претстави стратешките проекти за трансформација на Чаир во, како што кажа, модерна и развиена општина, со акцент на урбаната инфраструктура, квалитетното образование, заштитата на животната средина, социјалната инклузија и економското зајакнување.

Тој нагласи дека новата ера во Чаир веќе започна и дека оваа нова визија ќе се гради врз конкретни дела, институционална поддршка и чесно партнерство со граѓаните.

„Од моментот кога дојдовме на власт започнавме нова ера на инвестиции. Го вративме достоинството на Чаир и го преобразуваме во една модерна, функционална и развиена општина, со големи вложувања во инфраструктура и во секој друг сектор“, рече Меџити.

Додаде дека предвидените проекти го претвараат Чаир во модел на развој, благосостојба и заедничко живеење.

„Градиме Чаир кој чекори со ритамот на развојот, кој им служи на луѓето и кој е гордоста на Скопје. Затоа што Чаир е нашиот дом. И заедно, со работа, посветеност и љубов кон ова место, ќе го направиме Чаир шампион на развојот, гордоста и победата. Почитувани чаирчани, ви благодарам од срце за големата поддршка, за довербата и за вашата посветеност на секој чекор од оваа кампања. Ви благодарам што ми ги отворивте вратите на вашите домови, што дојдовте на нашите собири со ентузијазам, што нé послушавте со срце и нé поддржавте. Нашата сила сте вие, граѓаните на Чаир, кои ја водите промената“, рече Меџити.