[ФОТО] Ова може да биде новиот најевтин електричен автомобил

Точка

13/10/2025

10:32

663

Големина на фонт

а а а

Практичниот бренд „Dacia“ ја претстави својата гама на иднина, со неколку премиери што привлекоа големо внимание. Меѓу нив, најмногу одекна минијатурниот модел „Hipster“, како и „Duster Hybrid-G“, првиот хибриден автомобил на плин со погон на сите четири тркала.

Иако „Hipster“ беше само еден од моделите прикажани на „Paris Motor Show“, токму тој се претвори во ѕвезда на настанот. Со должина од само три метри, во младешки и функционално дизајнираната кабина има место за четири возрасни лица и багаж (од 70 до 500 литри). Висок е 153 сантиметри, а широк 155 сантиметри.

Го карактеризира едноставен, робустен дизајн, без предни или задни превеси, со речиси вертикално поставени стакла. Надворешните рачки на вратите се заменети со лесни и евтини текстилни ремени, кои се покажале еднакво практични. Од внатрешноста е отстрането сè непотребно – има само два воздушни перничиња, за возачот и совозачот.

Во улога на мултимедија служи паметниот телефон на возачот – „Hipster“ има само држач за него, а телефонот воедно функционира и како паметен клуч за отклучување и стартување на моторот.


Пристапна мобилност со нула емисии

Од „Dacia“ истакнуваат дека целта на брендот е да биде лидер во достапната мобилност со ниски емисии. Последните пет години компанијата е меѓу најуспешните автомобилски производители во Европа, а купувачите најчесто се одлучуваат за модели од Б-сегментот – градски автомобили.

Во овој сегмент расте побарувачката за електрифицирани возила, односно хибриди и целосно електрични модели. Токму таму совршено се вклопува „Hipster“ – градски електричен автомобил со тежина под 800 килограми, што е речиси ненадминато меѓу електричните автомобили.

„Hipster“ е 20% полесен од моделот „Spring“. Намалената тежина значи помалку материјали и енергија во производството, но и пониска потрошувачка при возење – со што се намалува вкупниот јаглероден отпечаток.

Неговата батерија и електромотор се доволни за покривање на дневните потреби на просечен возач, со оглед дека луѓето во просек поминуваат помалку од 40 километри дневно.

Со вакви карактеристики, „Hipster“ би можел да стане новиот најевтин електричен автомобил – доколку навистина стигне на пазарот. Засега иднината му е неизвесна, бидејќи „Dacia“ чека да види како моделот ќе се усогласи со новите европски регулативи, особено оние што наложуваат сè поголем број напредни безбедносни системи, кои го зголемуваат трошокот, тежината и димензиите на возилата.


Истиот рецепт за успех

Формулата на „Dacia“ е јасна: да се ослободи од непотребното, а неопходното да се направи што пофункционално и попристапно.

Токму затоа не изненадува растот на побарувачката, особено во услови кога просечната цена на автомобилите во Европа е зголемена за дури 45% во периодот од 2010 до 2024 година.

Оваа стратегија веќе ја потврдија „Duster“ и „Bigster“, два модели што ќе бидат достапни и во новата, револуционерна верзија „Hybrid-G 150 4×4“.

Станува збор за првиот 4×4 хибрид на авто-плин со автоматски менувач.

„Duster Hybrid 150“ комбинира бензински мотор со два електромотора и батерија со капацитет од 1,4 kWh, со вкупна моќност од 154 коњски сили и 230 Nm вртежен момент.


Системот користи напреден автоматски менувач со палки за менување брзини на воланот, а двобрзинскиот менувач со 48 V заден електромотор претставува светска премиера.

Тој обезбедува висок вртежен момент во првата брзина, со што се максимизираат теренските способности, а втората брзина овозможува возење до 140 km/h.

Со оваа технологија, „Duster“ и „Bigster“ во градски услови можат до 60% од времето да се движат исклучиво на струја.

Кај „Hybrid-G“ изведбата тука е и плинската инсталација, што ја зголемува автономијата на 1.500 километри.


Подобрени класични модели

„Dacia“ претстави и нови изведби на моделите „Sandero“, „Sandero Stepway“ и „Jogger“.

Сите добија нов светлосен потпис, поквалитетни материјали и побогата опрема.

Во стандардот се вклучени нов мултимедиумски систем со навигација и 10-инчен екран, дигитална инструмент табла во боја, нов управувач, дополнителни безбедносни системи, безжичен полнач за мобилен телефон и „YouClip“ додатоци.

Со новиот „Hipster“, „Duster Hybrid-G“ и модернизираната гама, „Dacia“ уште еднаш потврдува дека практичноста, едноставноста и пристапноста сè уште можат да бидат формула за успех – дури и во ерата на електричната иднина.