Под мотото „Ниту една повеќе“ стотици граѓани денеска попладне се собраа пред зградата на Министерството за внатрешни работи (МВР) во Скопје за да протестираат поради свирепото убиство на Росица Коцева од Велес, од страна на нејзиниот поранешен партнер, и поради како што рекоа колективниот крах на системот кој дозволува да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди.
Иницијатори за овој протест се неколку невладини организации, а повод е убиството на 31-годишната велешанка Росица Коцева и нејзиниот татко од страна на нејзиниот поранешен партнер, кој потоа се самоуби.
Пред Министерството за внатрешни работи од каде што започна протестот, беа испратени пораки дека бројот на фемициди се зголемува од година в година и дека жените не се чувствуваат доволно заштитени.
„Застануваме на улица затоа што насилството мора да престане. Ги обжалуваме сите жени кои беа убиени додека институциите молчеа, Додека жените живеат во страв, насилниците остануваат на слобода“ порача една граѓанка пред МВР, пренесе 24инфо.мк.
Учесниците упатија барања за институционална одговорност и санкции, како и оставки и дисциплински постапки за полицајци, обвинители, вработени во Центрите за социјална работа, односно за сите што биле запознаени со случајот на Росица.
Апелираа и да се направат и обврзувачки протоколи за полицијата, судството, обвинителството и Центрите за социјална работа.
Додека активистите посочија дека Росица немаше да биде убиена ако се постапувало по протоколи, ако криците за помош беа слушнати, а реакциите навремени.
„Државата во која живееме создава совршени услови насилниците да просперираат, додека ние се плашиме за нашите животи“, кажаа тие, а протестот заврши кај паркот „Жена борец“ во Скопје.
Видео: 24info.mk