На плоштадот „Македонија“ во Скопје вечерва се одржа собир во чест на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март оваа година.
Собирот почна во 20:16 часот, со минута молк за 62 млади девојки и момчиња кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“, а беше организиран од иницијативата „Кој е следен?“, со цел оддавање почит кон загинатите и поддршка за нивните семејства и повредените.
Со ова, како што беше кажано вечерва, се оддава почит кон загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани и се дава поддршка кон нивните најблиски кои се соочуваат со огромна загуба. Поддршка е упатена и кон повредените, кои се во процес на рехабилитација, од несреќата што се случи пред шест месеци. Исто така од иницијативата „Кој е следен“, порачаа дека шест месеци нема правда за Кочани, дека институциите не постапуваат.
„Треба да сносат одговорност сите оние кои биле вмешани во работењето на дискотеката „Пулс“. Ние сме тука да потсетиме дека граѓаните не го простуваат ова. Денеска овој молк ќе биде исполнет со тага и лутина, од утре веќе не молчиме. До кога ќе чекаме овој случај да има разврска? Ова е најголемата трагедија што се случила, каде многу мои врсници го изгубија својот живот“ изјави Анастасија Павловска од „Кој е следен“. Таа најави масовна мобилизација веќе од утре, но не даде детали за следните активности, а ги повика граѓаните масовно да се приклучат.
Граѓани во центарот на Скопје може да остават и пораки до семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март годинава, зеде 62 жртви, а околу 200 лица се здобија со повреди и беа пренесени на лекување во болниците низ земјава и странство.
Видео: 24info.mk