Наместо да слави европска титула во Франкфурт, Мумбру хоспитализиран во болница во Барселона

Дерби

16/09/2025

11:18

100

Големина на фонт

а а а

Германија направи уште еден кошаркарски подвиг и ги обедени двете титули од светските и европските првенства, откако во неделата успеа да го добие драматичното финале со Турција во кое губеше во најголем дел од натпреварот.

Иако изгледаше дека избраниците на Ергин Атаман ги контролираат случувањата на теренот, Германците одиграа во свој стил во завршницата и направија пресврт, а со победата станаа и европски шампиони, две години по освоената титула на Мундобаскетот.

Оваа генерација на кошаркари навистина покажува дека поседува извонреден квалитет, а голем дел од заслугите му се препишуваат на Алекс Мумбру, тренерот кој остана докрај со тимот и покрај сложената здравствената состојба.

Поради акутен панкреатит, Мумбру загуби дури осум килограми за време на Европското првенство и постојано му се контролираше здравствената состојба, но откако ја прослави титулата во Рига, не се упатил кон Германија на вчерашната прослава во Франкфурт.

Како што јавува „Мундо Депортиво“, Мумбру пристигнал во Барселона на детални прегледи и било утврдено дека мора да биде хоспитализиран, а првите проценки се дека ќе лежи во здравствена установа околу две недели.

Според изворите на медиумот, шпанските доктори утврдиле дека болеста не е целосно повлечена и препорачале итна хоспитализација, а откако ќе се опорави, Мумбру ќе мора да направи и хируршки зафат за да избегне непосакувани компликации во иднина.