Рубио во Израел: Сите заложници мора веднаш да се вратат дома

Макфакс

15/09/2025

17:20

149

Големина на фонт

а а а

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека сите заложници мора веднаш да се вратат дома и дека Хамас мора да биде „уништена“ како вооружена група.

Зборувајќи на прес-конференција во Ерусалим, Рубио рече дека американскиот претседател Доналд Трамп е сè уште посветен на овие цели, објавува „Тајмс оф Израел“. Рубио, исто така, истакна дека Иран им се заканува не само на Израел и САД, туку и на сојузниците од Персискиот Залив и Европа. Тој рече дека нуклеарниот Иран е „неприфатлив ризик“ за светот.

Рубио го критикуваше Хамас за неговиот „неспоредлив варваризам“ и додаде дека народот на Газа не може да има мир или подобра иднина сè додека Хамас не биде разоружан и сите заложници не бидат вратени дома. „Фокусирани сме на тоа што ќе се случи следно“, рече американскиот државен секретар Марко Рубио, осврнувајќи се на израелскиот напад во Доха минатата недела.

Државниот секретар на САД пристигна во Израел за да му го пренесе на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху незадоволството на САД од неодамнешниот израелски напад врз Доха, Катар, под изговор дека го напаѓа седиштето на Хамас. Пред состанокот, тој најави дека ќе разговара со Нетанјаху за воените планови на Израел за окупирање на градот Газа, како и за намерата на Израел да анектира делови од окупираниот Западен Брег.