Утре во 20:16 часот, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, ќе се одржи собир на кој ќе се обележат шест месеци од пожарот во дискотеката во Кочани со 62 жртви и над 200 повредени.
Иницијативата „Кој е следен?“ и студентски активисти повикуваат на достоинствено сеќавање, со ѕвездено небо и молк, како симбол на солидарност и граѓанска одговорност.
„Ова не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно . таа болка треба да не разбесни и да не поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, велат организаторите.
Обвинението, поднесено во јуни, сè уште не е оценето од надлежниот суд, поради обемноста на предметот и бројните приговори од страна на обвинетите. Вкупно 34 физички и три правни лица се соочуваат со обвиненија.
Семејствата на загинатите преку „Марш на ангелите“ во Кочани секоја сабота веќе шест месеци бараат одговорност и правда за нивните деца, а протести се организира и во други градови.