[ВИДЕО/ФОТО] Презентирано визуелното решение за новата Универзална сала

Макфакс

15/09/2025

14:14

874

Големина на фонт

а а а

Денеска, пред македонската јавност беше презентирано визуелното решение за новата Универзална сала – модерен и функционален објект, кој ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје.

Проектот, кој беше преземен од Град Скопје, е задржан во делот на идејното архитектонско решение, а изработката е дело на проектантот Бујар Муча. Во конструктивниот дел беа направени измени врз основа на насоките од испитувањата што Министерството за култура и туризам ги побара како неопходност што произлезе од пожарот на објектот, извести Министерството за култура.


Она што е особено значајно во решението е дека ќе се задржи постојната форма за почитување на колективната меморија, Универзалната сала ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, како: HVAC, сценска механика, ЛЕД-осветление, аудио-видео и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали и во ентериерот и во екстериерот, објектот ќе биде енергетски ефикасен, а е изработено и современо, атрактивно партерно и хортикултурно решение.


Очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор по што ќе почне изградбата на Универзалната сала по системот клуч на рака. Планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а од 2028 година Универзалната сала ќе биде подготвена да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра, соопшти Министерството за култура.


„Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и во иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани. Со нејзината изградба создадовме предуслови Скопје да го зачува духот на својата културна традиција, но и да ја зајакне својата улога како европска престолнина на културата за 2028 година“, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.