За да нема чадење од „Вардариште“, треба да се најде пристоен дом за над 200 луѓе што живеат среде депонијата, а некои од нив потпалуваат, вели Тошковски

Макфакс

15/09/2025

13:20

146

Големина на фонт

а а а

Во решавање на проблемот со депонијата „Вардариште“ треба да се вклучат сите институции, да им се најде соодветен дом на луѓето што живеат среде ѓубрето и просторот да се исчисти. Вака министерот за внатрешни работи Панче Тошковски смета дека треба да се разреши проблемот оти Министерството не може во овој момент строго да ги ограничи излезот и влезот на депонијата оти таа е живеалиште на над 200 луѓе.

„За ‘Вардариште’, за жал, во рамките на онаа дива депонија што ја имаме живеат некаде над 200 луѓе. Во депонијата, среде депонијата, живеат над 200 луѓе. Замислете. Ова е страшно. Страшно е од секој аспект. Индициите се дека потпалувањата што ги имаме таму се сторени од некои од тие луѓе. Од малкутемина од оние што живеат таму. Ние не можеме да го ограничиме правото на пристап до живеалиштето што го имаат. Ние не можеме да спречиме тие луѓе да влегуваат и да излегуваат од оној периметар што го имаме“, рече министерот Тошковски.

И денес Тошковски потсети дека проблемот се таложел со години и нагласи дека не може да се реши преку ноќ, за една-две недели ниту, пак, за еден-дава месеца оти бара поширок институционален пристап.

„Таму треба системско решение. На тие луѓе треба да им се најде место за живеење, соодветно. Тие луѓе треба да бидат дислоцирани од таму, тој простор треба соодветно да се исчисти. Оној отпад што ќе се подигне од таму да се однесе на друга соодветна локација за таков тип на отпад. Потоа да се даде во надлежност на оние што треба, тоа не е надлежност на МВР. Овде треба еден поширок институционален пристап, темелен. За жал, тоа не можеме да го направиме за една-две недели, еден-два месеца за трајно да го решиме не само проблемот со ‘Вардариште’ туку со сите депонии. Но, пак ќе повторам, првично, таму живеат повеќе од 200 луѓе во рамките на оваа депонија. Додека не се реши што ќе правиме со тие луѓе, каде да се дислоцираат, како да им се помогне за пристоен дом, таму овој проблем што го имаме секогаш ќе се појавува“, вели министерот Тошковски.

Тој повика не само институциите туку и секој граѓанин да даде придонес за побезбедна Македонија и рече дека во решавање на проблемот со палењето на депониите се вклучени не само сите капацитети на МВР туку и капацитетите на Агенцијата за национална безбедност и максимално се интензивирани набљудувачките системи што ги имаат.