Шарениот папагал што зборува руски веќе три дена избегнува да биде фатен во турскиот град Сивас, и покрај сите обиди, вклучително и снимка од гласот на сопственикот испратена од Кипар, пренесе турскиот портал „Дејли Сабах“.
Птицата му припаѓа на руски турист кој привремено престојувал во Турција.
Кога застанал да наполни гориво на локална бензинска пумпа, неговиот папагал незабележано одлетал.
Сопственикот оставил контакт информации, но птицата исчезнала од видокругот и прелетала високо над Сивас.
Неколку дена подоцна, Мерт Халат, вработен во блискиот ресторан, забележал папагал како седи на висока гранка. Заедно со своите колеги и гостите на ресторанот, се обидел да го повика, но без успех.
„На почетокот, папагалот остана во близина. Ја повикавме и противпожарната служба, но тие рекоа дека не можат да помогнат бидејќи птицата не е повредена. Дури и пуштивме снимка од сопственикот на руски јазик, но папагалот не одговори. Луѓето престанаа да јадат за да помогнат во потрагата“, рече тој.
Халат го опиша папагалот како впечатливо жолто-син по боја, стар околу 10 години, а овој вид, може да живее до 80 години. Халат додаде дека птицата не разбира турски, туку само руски и грузиски.
„На почетокот го повикувавме на турски, не знаејќи за јазичната бариера“, нагласи тој.
На крајот, папагалот одлетал, пркосејќи на секој обид да биде вратен во кафезот, пишува турскиот портал.