Јанковиќ: Власта на тендер купува целосна сценографија, дали граѓаните ја плаќаат партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ?

Макфакс

09/09/2025

13:56

129

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретаријат на Владата, со потпис на Игор Јанушев, склучил договор тежок речиси милион евра за озвучување на отворен простор, осветлување на отворен простор, видео ѕидови, бина, конструкција за покривање бина, опрема за симултан превод и техничка поддршка, изјави Јовица Јанковиќ од СДСМ.

Тој вели дека иако власта сака да претстави дека опремата е за симултан превод, симултан превод има најмалку.

„Со тендерот всушност власта купува скапа опрема за промоција и организирање на настани: озвучување, микрофони, видео ѕидови, шатори, дрон, камери, дим-машини, светлосни ефекти…. Со еден збор, целосна сценографија за кампања. Дали граѓаните со народни пари ја плаќаат партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори? Оваа злоупотреба на народни пари мора веднаш да запре. Бараме итно поништување на овој договор и одговорност од сите инволвирани“, рече Јанковиќ.

Тој додаде дека СДСМ бара итна реакција на Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство.

„Ова е класичен пример за предизборна злоупотреба на институциите и парите на граѓаните и мора да има одговорност. Наместо пари за поголеми плати, за подобрување на животниот стандард на граѓаните владата на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски расфрла милиони евра само за нивни партиски интереси“, рече Јанковиќ.