Ханси Флик ги предупредува своите ѕвезди: Фудбалското его знае да го уништи тимскиот успех!

Дерби

01/09/2025

12:26

457

Големина на фонт

а а а

Барселона Ханси Флик вчера беше непрепознатлива на „Валјекас“ и го преживеа тешкото гостување само поради импресивната вечер на Жоан Гарсија, младиот голман кој имаше рецитал од блескави интервенции.

Новото засилување спречи сигурен пораз за фаворитот и не дозволи уште поголемо славје на трибните во Мадрид, а бидејќи тој беше единствена светла точка во вечерта за заборав кај каталонците, Ханси Флик реши да испорача и едно сериозно предупредување до своите фудбалери.

Во ситуација кога најдобар дел од нив ќе заминат на репрезентативни обврски, Ханси реши да ги „подбере“ со порака која ќе биде пренесена во јавноста, а истата не е воопшто наивна.

– Минатата година игравме тимски фудбал и работевме како група. Најважно од се, немаше фудбалски ега во соблекувалната. Егото знае да го уништи тимскиот успех, не смее да се има пресилно его. Разговарав со играчите за ова и морав да го потенцирам во соблекувалната, – изјави Ханси Флик.

– Направивме премногу големи грешки и немавме потребен интензитет. Во првото полувреме можевме да постигнеме втор гол, но Рајо играше на неверојатен начин и не притисна во второто полувреме. Воопшто не сум задоволен како изгледаше тимот, имавме премногу загубени топки и подарени акции за ривалот. Направивме премногу грешки и треба да бидеме среќни што освоивме бод, – изјави Германецот, кој не заборави да го пофали голманот Гарсија.

– Гарсија носи смиреност и со играта со нозе и кога треба да реагира со раце. Не направи ниту една грешка и вистинско уживање е да се гледа што прави на голот. Направивме навистина добра одлука што го купивме ова лето, – заврши Германецот.