Крај на сагата: Јунајтед пронајде соломонско решение за да го продаде Антони

Дерби

01/09/2025

12:24

420

Големина на фонт

а а а

Сагата Антони полека се придвижува до својот целосен крај, откако рано утрово пристигна информација дека бразилскиот фудбалер добил зелено светло за трансферот кој го посакува од самиот старт на преодниот рок.

Бетис и Манчестер Јунајтед во изминатите два дена имаа еден неуспешен обид за комплетирање на операцијата, но откако англискиот клуб и Антони успеале да се договорат околу исплаќањето на одредени бонуси, Бетис ги прифатил последните услови и трансферот е пред сама реализација.

Угледниот „Атлетик“ информира дека двата клуба веќе ја разменуваат документацијата и дека трансферот е целосно договорен, но за да се случи тоа, Јунајтед морал да пронајде соломонско решение.

Најпрво, англискиот клуб ја преполови цената од 50 на 25 милиони евра во ситуација кога беше јасно дека Бетис не може да си дозволи трансфер во полн износ, а со цел да не пропадне операцијата, во договорот е вклучена и специјална клаузула.

Клубот од Андалузија ќе го добие Антони на перманентна основа за 25 милиони евра, но Јунајтед задржува 50 проценти од правата на фудбалерот за негова следна продажба од Бетис.

Антони од самиот старт на подготовките работеше одвоено од првиот тим на Јунајтед и беше јасно дека е непожелен на „Олд Трафорд“, а сега само часови го делат од враќање во клубот во кој прикажа импресивни партии во вториот дел од минатата натпреварувачка сезона.