Бруталниот упад на полицијата во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, е уште една потврда дека режимот се врати, велат од СДСМ.
Според нив, ова е сликата на секој режим, полиција ставена во функција на политички притисок и незаконско разрешување на директорка во средно училиште, со единствена цел пред избори да постават партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сега на граѓаните им е кристално јасно зошто беа измените на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи кои ги спроведе Панче Тошковски, за целосна партизација на полицијата, политички прогон и злоупотреба во партиски цели на ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата станува продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, а жртви се граѓаните . Денеска е директорка на средно училиште утре некој друг“, велат од партијата.
СДСМ бара веднаш да престане, како што велат, бруталниот притисок и незаконското разрешување на директорката Маја Лозановска.
„Законите мора да се почитуваат без разлика за кого станува збор. Бараме одговорност од сите кои ја извршуваат оваа незаконска постапка и кои дозволија ставање на полицијата во служба на политички прогон“, велат од СДСМ.
Ваквата реакција доаѓа откако на социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа началник во домот на директорка на училиште во Демир Хисар и вербална расправија меѓу него и синот на жената.