Повеќе од 10.000 европски хотели започнаа колективна тужба против платформата „Booking.com“ со седиште во Амстердам, барајќи отштета за загубите предизвикани од користењето на таканаречените клаузули за „најдобра цена“.
Клаузула за „најдобра цена“
Овие клаузули им забрануваа на хотелите да нудат пониски цени на своите веб-страници, со цел да се спречи гостите, откако ќе пронајдат хотел на „Booking.com“, да направат резервација директно кај хотелот.
Хотелите се повикуваат на пресудата на Судот на Европската унија од 19 септември 2024 година, со која клаузулата за „најдобра цена“ е прогласена за незаконска, пренесува „Brussels Times“.
Судот заклучи дека платформите како „Booking.com“ можат да функционираат и без вакви ограничувања. По стапувањето во сила на Актот за дигитални пазари на ЕУ („DMA“) во 2024 година, „Booking.com“ ги укина овие клаузули во Европа.
„Европските хотелиери долго време трпеа неправедни услови и превисоки трошоци“, изјави претседателот на здружението на хотелската индустрија „HOTREC“, Александрос Василикос.
Колективна тужба
„Време е да се обединиме и да бараме отштета“, нагласи тој.
Целта на оваа колективна тужба, поддржана од повеќе од 30 национални хотелски здруженија, е да се обезбеди отштета за штетата предизвикана во периодот од 2004 до 2024 година.
Случајот ќе го води холандски суд, а координацијата ќе ја преземе Фондацијата „Hotel Claims Alliance“.