„Сине, не доаѓам за туристички. Доаѓам да ти ги чувам децата“. Ова, низ смеа и со малку умор во гласот, ни го кажува Цветанка (66) од Куманово.
Пензионирана медицинска сестра, денес е full-time баба во Франкфурт, во домот на својата ќерка која веќе осум години живее и работи таму.
Цветанка не е исклучок. Таа е дел од една нова, тивка и сè поголема група македонски жени кои, наместо да ги минуваат пензионерските денови на клупа со кафе или на ливада со мармалад, го спакувале куферот и отишле „да чуваат внуче“.
Бабите – новите емигрантки
Трендот е јасен – сè повеќе млади Македонци во странство, посебно оние со деца, се потпираат на своите мајки за помош. И не, не станува збор за една недела помош при настинка. Овие баби престојуваат со месеци, понекогаш и со години.
„На почетокот мислев – ќе бидам три недели, ќе помогнам, ќе си одам. Еве, четврта година сум тука. Научив и да пазарувам во Лидл, и на германски малку да се снајдам“, вели Даница (70) од Битола, која живее со својот син во околината на Минхен.
Во некои случаи, бабите се менуваат – една година мајката од страна на мажот, следната од страна на жената. Но почесто, една ја презема улогата и се сели таму „додека им треба“. И тоа не е малку време.
Емоционално и физички трошок – ама со причина
Овие жени не одат во печалба за пари. Тие не заработуваат. Не им се плаќа. Но, сите се согласуваат дека секако работат – и тоа многу.
„Јас сум како невидлива дадилка. Го носам внукот на училиште, го земам, готвам, перам, средувам. Ќерка ми работи до доцна, зетот исто. Да не сум јас, не знам како би стигнувале“, објаснува Горица од Кавадарци, која веќе шеста година живее во Торино, Италија.
Некои дури и спијат на душек во дневна, без сопствен простор.
„Мене ми е доста да имам мир. Слушам смеење од другата соба, тоа ми е доволно“, раскажува Блага (68) од Прилеп.
Но, тоа не значи дека не чувствуваат замор. Напротив – многу од нив се жалат на болки во грбот, на емоционален товар што не го очекувале, на тага што не се дома во својата држава и во своето секојдневие.
Еден вид „алтернативна економија“
Ако ја погледнеме од финансиски агол, оваа размена е и повеќе од значајна. Во многу европски земји, чување дете чини и по 800 до 1.200 евра месечно. Секаде каде бабата влегува – тие пари се заштедуваат.
„Јас заштедувам, таа не заработува, ама на крај сите добиваме. Најмногу внукот“, вели Александар од Лозана, кој порачува дека неговата мајка е „најдоброто швајцарско решение за македонски проблем“.
Но, некои баби и отворено признаваат:
„Ако не ме викнеа, ќе се навредев“. Тука не е само прашање на помош, туку и на припаѓање, потребност, смисла.
Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.