Анеглов: Пожарот на Готен не може да загрози ниту едно село

Макфакс

26/07/2025

16:45

228

Големина на фонт

а а а

На територијата на целата земја денеска има шест активни пожари, а најтешкиот и најспецифичен е пожарот на планината Готен, на тромеѓието помеѓу општините Василево, Берово и Радовиш. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов во попладневната изјава за медиумите потенцира дека и покрај специфичноста, пожарот не може да загрози ниту едно село.

– Денеска досега се забележани повеќе од 12 пожари на отворен простор. Од нив шест се активни, останатите се изгаснати. Од овие шест имаме неколку кои се исклучително тешки за гаснење. Најтешкиот, најспецифичниот пожар е пожарот кој се одвива на планината Готен, на тромеѓето помеѓу општините Василево, Берово и Радовиш. Овој пожар создаде одредена вознемиреност кај населението но, категорично тврдам дека не може да загрози ниту едно село. Од страната на Радовиш, пожарот полека се спушта, се движи споро, во зависност од насоката на ветерот кој релативно често дува на ова подрачје, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Рано утрово таму подолго време дејствувал еден полициски хелихоптер, но без некои значајни резултати.

– На лице имаме повеќе од 150 луѓе почнувајќи од локалните пожарникари со поддршка на соседните ТППЕ, повеќе екипи на Национални шуми и локално население. Исто така овде на терен се седум пинцагуери и тоа од страната на Радовиш. Останатите се од беровската страна, рече Ангелов.

Поради тешко пристапниот терен фокусот на екипите, како што вели Ангелов, е ставен на пресретнување на овој тежок за гаснење пожар на шумските патишта кој што се протегаат низ оваа планина.

– Веќе неколку дена таму работат булдожери кои го чистат патот, го прошируваат за пожарот кој кога ќе дојде кај нив да не може да помине на другата страна.

Тежок пожар, како што вели Анеглов, има и кај Желино кој постојано се става под контрола, се гасне, но повторно се пали.

– Се поставува прашање, кој е оној кој упорно го потпалува пожарот на територијата на Општина Желино кој денеска се движи во насока на Еребино. Денеска таму дејствува еден Ер Трактор на дирекцијата за заштита и спасување, а упатен е и еден Хермелин и еден БТР на ДЗС, кој што треба да дејствуваат доколку огнот тргне кон Еребино или кон некое од блиските села. На лице место е тетовската ТППЕ поддржана со екипи на Национални шуми, но и локално население, потенцира Ангелов.

Третиот пожар е на територијата на Македонски Брод и врз него се дејствува со еден Ер Трактор и со локални сили од земја. Исто така во текот на ноќта изби еден пожар и помеѓу опоштините Кавадарци и Прилеп, и уште едена активен пожар има на територијата на Мариово. На овие пожари дејствуваат локалните пожарникари со поддршка на соседните ТППЕ.

-Нашата цел е да не дозволиме ширење на овие тешки за гаснење пожари бидејќи температурата на воздухот е исклучително висока. Дува слаб ветер којшто дополнително помага за брзо ширење на огнот, но високата температура којашто кај нас е околу 40-от и над 40-от степен дополнително го усложнува гаснењето на овие пожари, вели Ангелов.

Потсетува на најавата на УХМР дека во текот на утрешниот ден се очекуваат поројни врнежи на целата територија на државата. – Се надеваме дека некои од овие локални врнежи ќе паднат на подрачјата на овие тешки за гаснење пожари, изјави директорот на ДЗС.