Од вторник изменет сообраќаен режим на мостот „Влајко“

Макфакс

25/07/2025

15:35

205

Големина на фонт

а а а

Општина Карпош ја информира јавноста дека во вторник (29.7.2025) година, со почеток во 7.30 часот, ќе почнат работните активности за статичко испитување на надземниот премин „Влајко“ (во населбата Влае).

Поради изведување на стручните мерења, ќе биде воведена привремена измена на сообраќајниот режим, која ќе се реализира во две фази.

Имено, во првата фаза се предвидува затворање на дел од сообраќајницата, односно булеварот Партизански одреди, по принципот лента по лента, во насока исток – запад, поточно во правец кон населбата Ѓорче Петров. По завршувањето на првата фаза, ќе следува затворање на сообраќајот во насока запад – исток (кон Центар), исто така по принципот лента по лента.

Во оваа пригода локалната самоуправа посочува дека во текот на изведувањето на работите сообраќајот на тој потег ќе се одвива непречено во согласност со сообраќајната сигнализација и опремата што ќе биде привремено поставената, а на која ќе биде означено прописното ограничување на брзината на движење од 30 km/h.

Се предвидува овие работни активности да се одвиваат во период од седум работни дена, а по нивното завршување, да биде воспоставен првобитниот режим на сообраќај.

Општина Карпош апелира до сите учесници во сообраќајот да го почитуваат и да се приспособат кон привремениот сообраќаен режим за што однапред се заблагодарува за разбирањето и соработката.