Стејт департментот одобри продажба на оружје во вредност од 322 милиони долари на Украина

Макфакс

25/07/2025

12:43

221

Големина на фонт

а а а

Американскиот Стејт департмент соопшти дека одобрил предлог за продажба на оружје во вредност од 322 милиони долари на Украина за подобрување на нејзините капацитети за воздушна одбрана и обезбедување оклопни борбени возила на Киев.

Потенцијалната продажба, за која Стејт департментот го извести Конгресот, вклучува 150 милиони долари за снабдување, одржување, поправка и ремонт на американски оклопни возила, како и 172 милиони долари за ракетни системи земја-воздух, објавува АП.

Одобрението доаѓа неколку недели откако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет нареди привремено запирање на испораките на оружје во Украина за да може Пентагон да ги процени залихите на оружје.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потоа го промени својот став, јавно ветувајќи дека ќе продолжи да испраќа оружје во Украина, објавува агенцијата.

Трамп неодамна изложи план европските сојузници да купат американска воена опрема што потоа би била испратена во Украина. Сè уште не е познато како најновиот предлог ќе влијае на овој аранжман.

Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, САД обезбедија повеќе од 67 милијарди долари во оружје и безбедносна помош за Киев.