Тренерот на Лозана: Останав непријатно изненаден, но не од играчите на Вардар

Дерби

25/07/2025

11:26

427

Големина на фонт

а а а

Питер Цајдлер воопшто не го потцени Вардар и во најавата за двомечот со македонскиот тим нагласи дека шансите се 50-50 за пласман во третото квалификациско коло во Конференциската лига, а овие негови зборови посебно добија на значење откако тимот на Гоце Седлоски одигра извонредно на првиот меч во Скопје.

Тренерот на Вардар очигледно извонредно го изанализирал противникот и пронајде против игра за фаворитот на хартија, па нашиот претставник во завршницата од мечот можеше да постигне и трет гол кој ќе донесеше уште поубава предност пред реваншот.

Како и да е, актуелните 2:1 повторно му носат мала предност на Вардар пред реваншот кој се игра за една недела, но што се однесува за „првото полувреме“ од двомечот, Цајдлер нагласи дека останал непријатно изненаден од своите фудбалери.

– Речиси да не постоевме како тим во првото полувреме, тоа е се што треба да се каже од тој период. Бевме многу нервозни, не направивме ништо од тоа што се договоривме. Дојдовме до самата завршница, можевме да одиме со 0:0 на пауза, но потоа примивме гол непосредно пред полувремето.

– Не сум изненаден од играчите на Вардар, бидејќи знаев дека имаат добри поединци и дека не е само Мато. Јас сум изненаден од тоа што ние го прикажавме, и тоа сум доста непријатно изненаден, – изјави Цајдлер, јасно алудирајќи на инфериорноста во првите 45 минути.

– Во вториот дел се вративме во игра и можевме да постигнеме и втор гол. Наместо тоа, ние примивме втор кога имавме добар резултат за реваншот. Тоа е што е, овој меч останува зад нас, сега сме на полувреме од овој двомеч. Ќе видиме што ќе се случи следната недела, – изјави Цајдлер.