Во низ објави на социјалната мрежа X, американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, ја исмеа најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Париз ќе признае палестинса држава во септември, пишува „Тајмс оф Израел“.
„Колку генијално! Ако Макрон може само да „прогласи“ постоење на држава, можеби Велика Британија може да ја „прогласи“ Франција за своја колонија!“, напиша тој.
Тој додаде во следна објава: „Едностраното „прогласување“ на Макрон за „палестинска“ држава не кажа каде би била таа држава. Сега можам ексклузивно да откријам дека Франција ќе ја понуди Француската ривиера, а новата држава ќе се вика „Franc-en-Stine“, додаде тој во следна објава.
Франција ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември, објави вчера францускиот претседател Емануел Макрон на социјалните медиуми, предизвикувајќи жестоки критики од Израел и воодушевување од Палестинците.
„Верен на мојата историска посветеност на праведен и траен мир на Блискиот Исток, одлучив Франција да ја признае Државата Палестина. Ќе го дадам официјалното соопштение на Генералното собрание на Обединетите нации во септември“, напиша францускиот шеф на државата на X и Инстаграм.
До денес, најмалку 142 земји признале палестинска држава, според АФП. САД и Израел се одлучно против таков проект.
„Итна потреба денес е да се стави крај на војната во Газа и да се спаси цивилното население“, нагласи францускиот претседател на X.
Во овој контекст, „конечно мора да изградиме палестинска држава, да ја обезбедиме нејзината одржливост и да обезбедиме дека со прифаќање на нејзината демилитаризација и целосно признавање на Израел, таа придонесува за безбедноста на сите на Блискиот Исток“, додаде тој.