Сѐ повеќе луѓе во Германија работат на црно додека примаат социјална помош

Макфакс

23/07/2025

19:28

341

Големина на фонт

а а а

Сивата економија во Германија е во пораст, а комбинацијата од социјална помош и работа на црно станува секојдневен модел за преживување, пишува „Дојче веле“.

Минатата година, вредноста на сивата економија во Германија надмина 480 милијарди евра, а се очекува дополнителен раст и во 2025 година. Со падот на економијата, сѐ повеќе луѓе се насочуваат кон работа на црно, често истовремено користејќи и социјална помош. Германската влада подготвува контрамерки, а експертите предупредуваат дека станува збор за системски проблем.

Германија веќе со години бележи економски пад, а прогнозите за 2025 година предвидуваат минимален раст. Според економистот Фридрих Шнајдер од Универзитетот во Линц, сивата економија достигнала 482 милијарди евра – највисоко ниво во последната деценија.

„Тоа се легални економски активности – како поправка на автомобили или чистење – кои се вршат надвор од државниот систем, без плаќање даноци и социјални придонеси“, објаснува Шнајдер.

За 2025 година се прогнозира раст до 511 милијарди евра, што е пораст од повеќе од шест отсто. Главни причини за ширењето, според него, се чувството кај граѓаните дека плаќаат преголеми даноци и незадоволството од јавните услуги. „Кога луѓето чувствуваат дека не добиваат соодветна услуга за парите што ги плаќаат, тогаш паѓа нивниот даночен морал“, вели тој.

Шнајдер додава дека не се чуди што луѓето избираат работа на црно. „Тоа е даночен бунт на малиот човек“, изјави тој, објаснувајќи дека често се работи за мали работи, како приватни часови или реновирање бања.

По зголемувањето на социјалната помош во јануари 2024 година, сѐ повеќе луѓе ги напуштаат легалните нископлатени работи и преминуваат на работа на црно.

„Околу 88.000 до 100.000 луѓе ги напуштија своите работни места со скратено работно време“, вели Шнајдер, предупредувајќи дека токму овие работни места недостигаат на пазарот.

Министерката за труд Бербел Бас најави речиси 52 милијарди евра за социјални давања во 2025 година и призна дека постои проблем со злоупотреба на системот.

„Станува збор за мафијашки структури“, рече таа, алудирајќи на случаи каде што криминални мрежи носат луѓе од странство, ги вработуваат на црно и истовремено им овозможуваат да примаат социјална помош.

Советникот Маркус Карбаум, кој во Берлин им помага на приматели на социјална помош да најдат работа, често се среќава со т.н. „приватен модел на комбинирана заработка“. „Постои тренд работодавачите да нудат премалку работни часови за некој да може да преживее“, вели Карбаум.

Овој модел се состои од три извори на приход: мини-работа, дополнителна заработка на црно и социјална помош. Често, самите работодавачи ги поттикнуваат ваквите аранжмани: „Парите што ти недостигаат, побарај ги од државата“, пренесува Карбаум, додавајќи дека ова станало речиси системска пракса.

Карбаум предупредува дека луѓето често мислат дека имаат право на сето тоа. „Имам право на социјална помош. Немојте сега да ми го одземете тоа право“, е став што често го слуша на терен.

Тој запознал корисници кои возат скапи автомобили, имаат најнови мобилни телефони и секоја година одат на одмор.

„Станува збор за поединечни случаи, не за мнозинство“, нагласува тој, но додава дека таквите примери се показател за структурна измама.

Владата планира засилена соработка меѓу Агенцијата за вработување и царинската управа, со цел да се спречат измамите и работата на црно.

„Кога има силен економски раст, работата на црно опаѓа“, заклучи Шнајдер, истакнувајќи дека економската стабилност е најдобар лек против сивата економија.