Челси пронајде соломонско решение за да го продаде Жоао Феликс

Дерби

23/07/2025

12:56

640

Големина на фонт

а а а

Челси тргна максимално амбициозно на трансфер пазарот и веќе доведе неколку ѕвезди како Гитенс, Жоао Педро, Делап, Естевао, Есуго и Сар, но пред да се насочи кон нови операции за засилување на тимот, клубот од Лондон мора да се ослободи и од неколку прецртани фудбалери.

Праксата покажа дека тим со повеќе од 25 фудбалери не функционира најоптимално и Енцо Мареска уште во првата сезона прецрта неколку важни имиња, а еден од нив беше и Жоао Феликс кој сега е пред дефинитивно заминување од „Стемфорд Бриџ“.

После неуспешната позајмица во Милан, Португалецот реши да се врати во родната земја, или поточно во матичниот клуб Бенфика кој му ја отвора вратата за втора шанса.

Португалскиот великан веќе некое време преговара за некогашниот младинец, но последните информации кои ги има угледниот „Рекорд“ водат кон тоа дека операцијата е речиси завршена.

Имено, Челси пронашол соломонско решение за да го продаде Жоао Феликс, бидејќи наместо да бара полн износ од 50 милиони евра, решил да отстапи 50 проценти од правата кои ги има над фудбалерот и да издејствува попуст од 50 проценти.

Наместо да платат вртоглави 50 милиони евра, Бенфика ќе го добие Жоао за 25 милиони евра, со тоа што двата клуба во иднина ќе имаат по 50 проценти од правата на поранешниот фудбалер на Атлетико Мадрид.