Мицкоски: Потпишан меморандум со „Казанџи груп“ – стратешки проект во енергетиката вреден 1 милијарда евра

Макфакс

22/07/2025

12:47

192

Големина на фонт

а а а

Премиерот, Христијан Мицкоски, со претставник од компанијата „Казанџи Груп“ денеска потпишаа меморандум, со кој, според премиерот, се отвора простор за стратешки проект во енергетиката вреден 1 милијарда евра.

„Денеска испраќаме јасен сигнал дека имаме волја, план и капацитет да го обезбедиме својот енергетски суверенитет и да го заштитиме својот економскиот интерес на државата на долги патеки. Со потпишувањето на овој меморандум со „Казанџи Груп“, отвораме простор за реализација за значаен стратешки проект, вреден до една милијарда евра инвестиција што ќе има реално, практично и долгорочно влијание врз енергетскиот систем на државата“, рече Мицкоски.

Тој појасни дека проектот предвидува три главни компоненти: развој на нови капацитети за производство на електрична енергија; изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас и мерки за зголемување на сигурноста во снабдување со гас.

„Ова не е само инфраструктурен проект. Ова е проект што ја засега безбедноста, стабилноста и економската иднина на државата. Енергијата е основа за секој вид производство, за функционирањето на институциите, за нормалниот живот на граѓаните. Да имаме свој извор и стабилна дистрибуција значи да имаме сигурност, предвидливост и контрола врз еден од најважните системи во државата“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека со оваа инвестиција се отвораат и нови можности за индустријата, се поддржува гасификацијата, се отвораат нови работни места, и се зајакнува енергетската отпорност на државата. Истовремено, додаде Мицкоски, со развојот на домашни производствени капацитети се намалува зависноста од увоз и влијанието на надворешни ценовни и политички ризици.