Линеарното покачување на пензиите од 1.000 денари ќе стигне во Собранието пред да се распишат изборите, вели Мицкоски

Макфакс

22/07/2025

12:45

141

Големина на фонт

а а а

Владата, на денешната седница, ќе го разгледа предлог-законот со кој пензиите, место процентуално, наесен и следната пролет ќе се покачат линеарно по 1.000 денари. Премиерот Христијан Мицкоски очекува да бидат изгласани пред да бидат распишани претстојните локални избори.

„Јас веќе најавив дека очекуваме линеарно зголемување на пензиите. Тоа практично го бараат пензионерите од Владата. Тој процент, во согласност со законот, кој треба да се зголеми, да биде линеарно распределен на сите корисници на пензии. Ние тој глас го слушнавме како Влада. Денеска, на седница на Владата би требало да помине предлог-законското решение и веднаш потоа да биде испратено до парламентот. Очекувам парламентот пред распишувањето на локалните избори тоа да го изгласа позитивно“, рече денес премиерот Мицкоски.

По двете линеарни покачувања на пензиите од 2.500 денари, во септември минатата година и во март годинава, беше предвидено наесен пензиите да се зголемат процентуално, односно според растот на инфлацијата и просечната плата, во согласност со системското решение што го воведе претходната власт во 2022 година кога беше предвидено пензиите двапати годишно да се усогласуваат со трошоците за живот.

Според официјалните податоци од Фондот за пензиско осигурување, во земјата има 345.245 пензионери. Најниската пензија, по двете линеарни покачувања, изнесува 18.192, а највисоката надмина 85.000 денари.