Најновото истражување на Универзитетот Стенфорд се занимава со актуелната тема: стравот на човечката работна сила дека технологијата ќе ги претвори во вишок.
Истражувањето на Универзитетот Стенфорд и Лабораторијата за дигитална економија открива нова слика на односот помеѓу работниците и вештачката интелигенција на современиот пазар на труд. Анализата, која се потпира на анкети со американски работници од 104 професии и интервјуа со 52 стручњаци за "AI", дава преглед на очекувањата на вработените кон "AI", но истовремено предупредува на несогласувањата помеѓу желбите на работниците и реалните можности на технологијата.
Сомнеж и скептицизам
Довербата се покажа како клучно прашање: 45% од испитаниците сомневаат во точноста и доверливоста на "AI" системите, 23% се плашат од губење на работата, а 16% од недостаток на човечки надзор. Работниците се особено скептични кога станува збор за автоматизацијата на креативни задачи или комуникација со клиенти.
Од друга страна, работниците ги поздравуваат автоматизациите кои можат да им ослободат време за посложени задачи (69,4%), да ја намалат повторливоста (46,6%) и да го подигнат квалитетот на работата (46,6%). Најпосакуваните функции на "AI" вклучуваат закажување состаноци, одржување бази на податоци и исправување на грешки во евиденцијата.
Отпор на автоматизација
Клучен наод од студијата е отпорот против целосна автоматизација – повеќето работници се залагаат за соработка на еднакви основи (45,2%) или за човечки надзор над клучните одлуки (35,6%). Анализирајќи ги желбите на работниците и техничките можности на "AI", истражувачите ги класифицирале задачите во четири зони, истакнувајќи голем процент на задачи кои се технички можни, но несакани, или посакувани, но технолошки уште неизведливи.
Поделба на четири зони на задачи открива неускладеност помеѓу она што работниците го сакаат и што е технички изведливо
Истражувањето најавува промена во бараните вештини: компетенции како анализа на податоци ќе станат помалку вредни, додека интерперсоналните и организациските вештини ќе добиваат на значење. Клучната порака е јасна – успешната интеграција на "AI" бара многу повеќе од техничка изводливост: работниците и нивните преференции мора да бидат во центарот на иновациите, заклучуваат истражувачите.