Многу е познат, а му се суди поради дрога и оружје: Вклучени се картели и Ел Чапо, му се заканува страшна казна!

Точка

08/07/2025

16:32

881

Големина на фонт

а а а

Хулио Сезар Чавез Постариот застана во одбрана на својот син, откако Хулио Сезар Чавез Помладиот неодамна беше уапсен од страна на американската имиграциска служба (ICE), поради наводни врски со нарко-картелот Синалоа.

Чавез помладиот беше поразен од Џејк Пол на 28 јуни, со едногласна одлука на судиите, во борба која не предизвика особено воодушевување кај публиката.

Помалку од една недела подоцна, на 3 јули, тој беше уапсен и се соочува со депортација од САД поради сомнежи за вмешаност во организиран криминал, како и шверц на оружје, муниција и експлозив.

Познато е дека Чавез Помладиот имал контакти со картелот Синалоа и дека бил во брак со роднина на озлогласениот Хоакин „Ел Чапо“ Гусман.

Според извештаи од Мексико, наводно бил повикуван да физички малтретира непријатели на картелот, кои – буквално – виселе од таванот како вреќи за удирање.


Ниту по евентуалната депортација проблемите за Чавез помладиот нема да завршат – мексиканската влада, исто така, планира да поведе постапка против него поради наводните врски со картелот.

Сепак, неговиот татко, боксерската легенда Чавез постариот, тврди дека неговиот син е невин и дека е обвинет само затоа што е познат.

„Знам дека се зборува многу, има озборувања, луѓето зборуваат сешто. Но ние сме спокојни, затоа што знаеме дека мојот син е невин. Секако дека познава луѓе што се вмешани во такви работи – ние живееме во Кулијакан. Невозможно е да не ги познаваш тие луѓе. И јас познавав разноразни во моето време, но никој никогаш не ме обвини за ништо. Веруваме дека правдата ќе победи. Ќе се бориме, затоа што мојот син можеби има свои проблеми, но криминалец не е. Сите овие обвинувања се потполно неосновани“, изјави таткото на славниот боксер.

Чавез помладиот денеска треба да се појави пред имиграцискиот суд каде ќе се одлучи дали ќе биде депортиран назад во Мексико.

„Адвокатите во САД работат на тоа да видиме дали може да остане таму, но ако го вратат тука, ние сме подготвени. Имаме правен тим и ќе се бориме според мексиканските закони, ако биде потребно.“

Чавез помладиот влезе во САД во 2023 година со туристичка B2 виза, која наводно му истекла во февруари 2024 година.

Сепак, настапи против Уриа Хол во јули истата година, како и против Џејк Пол во јуни 2025 – што, најверојатно поради медиумската експонираност, довело до неговото апсење.