Манчестер Јунајтед има проблем со собирање на посакувани финансиски средства по катастрофалната сезона која ја имаше првиот тим, но обидот да се инкасираат 10 милиони фунти од соработка со стриминг гигант сепак завршил неуспешно по инсистирање на Рубен Аморим.
Како што јавуваат угледните британски медиуми, Манчестер Јунајтед како клуб бил во напредни преговори со „Амазон“ за отстапување на ексклузивни права за снимање мини документарна серија во текот на сезоната која претстои, но менаџерот Аморим не дал зелено светло за реализирање на идејата, па истата пропаднала во најбрз можен рок.
Според информациите, Јунајтед требал да заработи 10 милиони фунти од „Амазон“ за документарецот, па иако преговорите траеле со месеци, на крајот истите завршиле во ќор-сокак поради размислувањето на португалскиот стручњак.
Аморим проценил дека снимање на документарец ќе биде целосно непотребна дистракција во сезона која се очекува да биде чувствителна и клучна за неговиот тим, па поради тоа, Џим Ретклиф и неговите соработници се откажале од средствата кои можеле брзо да ги искористат и на трансфер пазарот.
Засега, Манчестер Јунајтед како клуб е доста резервиран на ова поле, бидејќи покрај анонимниот Диего Леон од Парагвај, како единствено звучно засилување беше потврден Матеус Куња од редовите на Вулверхемптон.
Ова дефинитивно е премалку со оглед на ремонтот кој се најави во тимот на Аморим, но управата ќе има време да ги демантира критичарите во наредните 50-тина дена во кои се потребни најмалку три или четири звучни засилувања за тимот кој го води португалскиот стручњак.