[ВИДЕО] Српска пејачка се обидела со автомобил да се пробие низ блокадите во Белград: Се шири снимката

Точка

01/07/2025

11:44

3.701

Големина на фонт

а а а

На социјалните мрежи се прошири снимка на која се гледа како српската пејачка Марија Микиќ се обидува со автомобил да ги пробие блокадите на патот што биле поставени за да блокираат една од улиците на Бежанијска Коса во Белград.

Жителите на Бежанијска Коса се придружија на блокадите што се поставени низ целиот Белград од завчеравечер. На патиштата има контејнери и метални огради со цел да се запре сообраќајот. Микиќ налетала на една од блокадите и се обидела да ја заобиколи со својот автомобил.

Граѓаните кои во тој момент биле на улицата ја предупредиле дека станува збор за блокада, но таа со својот автомобил ги заобиколила контејнерите. Овој потег наишол на бурни реакции од граѓаните, кои се собрале околу нејзиниот автомобил и викале. Потоа Марија излегла од автомобилот и се расправала со нив.

Пејачката се огласи

Откако како што рече, примила еден куп грди пораки, решила да проговори за оваа снимка и инцидентот.

„Им благодарам на моите пријатели и познајници за убавите зборови и поддршка, кои знаат која сум јас и суштината на мојата душа. Воспитана сум секогаш да бидам учтива и љубезна, секогаш и за секого, но кога станува збор за децата, тоа не го давам. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на тоа колку сте човек или нечовек. Нема повеќе да се огласувам бидејќи ја знам вистината и како било сè. На сите им посакувам добро и прво да гледате со срце, а потоа со омраза на кој било начин“, напиша таа.


Потоа објави видео во кое ја раскажа својата верзија на настаните.

„Она што го доживеав и преживеав е навистина нечовечно. Секој што ме познава знае дека сум личност која носи насмевки и радост. Морам да проговорам за сè за што ме обвинуваат. Дојдов до контејнерот, како што видовте на сите снимки кои се апсолутно монтирани. Побарав да свртам еден метар лево бидејќи морав да ги земам децата од дадилката.


Одеднаш сите почнаа да скокаат врз мене, врз автомобилот, да го удираат, да го тресат мојот автомобил. Една девојка се фрли под мојот автомобил, друга ме снимаше како се обидувам да ја удрам девојката со автомобил, што ме излуде бидејќи тоа апсолутно не е вистина. Еден човек ми рече: „Сега ти текнало да ги земеш децата“.

„Ти човеку, кој и да си, не знаеш зошто сега одам по моите деца, каде бев, каков ми е животот и дали има некој друг што може да ги земе моите деца. Тоа целосно ме изнервира, едноставно излегов да се пресметам. Каков човек можеш да бидеш да му го кажеш тоа некому?“ меѓу другото објасни Марија во видеото.

Во описот на видеото, пејачката порача: „Не газев ничии деца. Не се залетав кон никого. Никогаш не ги делев луѓето по која било основа. На двете возила пред мене им беше дозволено да поминат. Застанав да прашам дали можам и јас? Само одев да ги земам моите деца, кои ги колнеа и на кои им посакуваа смрт“.