[ВИДЕО] Се обрати Вучиќ: „Нема веќе помилувања. Вака било само во времето на Хитлер“

Точка

29/06/2025

14:42

3.275

Големина на фонт

а а а

Десетици демонстранти и неколку полицајци беа повредени вчера откако полицијата интервенираше по официјалниот крај на масовниот студентски протест во центарот на Белград, на кој повторно беше упатено барање за распишување предвремени избори. Студентите неколку минути пред 22 часот го прогласија крајот на својот дотогаш мирен протест, на кој, според проценките на Архивот на јавни собири, се собрале околу 140 илјади луѓе.

„Земете ја слободата во свои раце, веруваме во вас, имате зелено светло“, порачаа студентите на официјалниот крај на протестот на белградскиот Плоштад Славија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно изјави дека „очекува насилство“, оценувајќи дека е „невозможно некој да вложи огромни пари против една земја, а да не се обиде барем нешто“. Тој додаде дека „државата ќе победи“.

Вучиќ ѝ се обраќа на јавноста од 11 часот. На прес-конференцијата присуствува и министерот Ивица Дачиќ.

„Ќе зборувам за многу важни работи, животно важни. Потоа, клучните податоци од полициските извештаи ќе ви ги соопшти министерот, а потоа ќе ви кажам што понатаму не очекува. Она што е клучно е дека Србија победи и дека Србија не може да се победи. Дека Србија не застана, покажуваат и бројните факти. Во наредните денови ќе ја отвориме делницата кај Пожега. Со тоа ќе завршиме 610 километри автопат. Горд сум што можам да кажам дека времето откако сме заедно на власт е период во кој изградивме пет пати повеќе автопати и брзи патишта отколку во кое било друго време по Втората светска војна“, рече Вучиќ.

Потоа Вучиќ почна да зборува за цените на вишните и малините.

„Возот за Суботица ќе биде пуштен во сообраќај на крајот од август. До Суботица ќе се стигнува за еден час, а до Нови Сад за половина час. Не застанавме со носење инвестиции и покрај бројните проблеми. Во наредните денови ќе отворам една фабрика во западна Србија. До крајот на годината ќе отвориме уште две во Ниш“, се пофали Вучиќ.

Дачиќ: Повредени се вкупно 48 полицајци

Збор зеде Дачиќ:

„Присутни беа околу 36.000 луѓе. Нарушувањето на јавниот ред и мир почна, како што беше и најавено, по 21 часот. Група лица, по повлекувањето на редарите, ја нападнаа полицијата. Откако беа одбиени, дојде до повредување на полицајци. Полицијата беше принудена да интервенира. Повредени се вкупно 48 полицајци“, рече Дачиќ.

„Голем дел од заштитната опрема е уништен или оштетен. Уапсени се 77 лица, од кои едно е малолетно. Против 35 лица ќе бидат поднесени кривични пријави, а против 26 прекршочни“, додаде Дачиќ. „Во болница се јавиле 22 граѓани“, рече тој.

Вучиќ: Веќе седум месеци трае теророт

Продолжува Вучиќ:

„Седум месеци трае теророт од дел од луѓето кои го зедоа законот во свои раце. Синоќешната објава е директен повик на граѓански судири и напад врз полицијата. Обвинителството мора да си ја врши својата работа, доаѓа времето на одговорност. Нема да потпишам помилувања, никаква аболиција. Ќе направам фер разлика меѓу студентите кои јасно рекоа: ‘да, го мразиме Вучиќ, одвратен е, но нема да учествуваме во насилство’. Благодарение на случајност се избегнаа најтешките последици.

Во сето тоа не учествуваа само арогантни студенти, туку и повозрасни кои ги поттикнуваат од личен интерес. Не беше тешко однапред да се предвиди што ќе се случи. Ви го кажав времето кога ќе почне насилството – задоцнив половина час бидејќи и собирот задоцни толку. Јасно беше дека ќе има насилство. Што мислеа тие? Дека се посилни од државата?

Дефиницијата на државата е дека таа има монопол врз физичката присила. Не постои никој посилен од државата. Гледам дека не сте положиле многу испити. Им честитам на полицајците за професионалното однесување. Им честитам на директорот Васиљевиќ и на припадниците на сите единици кои синоќа учествуваа во одржување на јавниот ред и мир. Таков професионализам не сум видел нигде во Европа. Полицијата синоќа повеќе од кога било си го зачува образот. Ова не е крајот на апсењата. Се работи на идентификација на лицата, а на тоа работи и Безбедносно-информативната агенција“, рече Вучиќ.

Покажуваше снимки од вчерашниот протест, посебно ја потенцираше снимката од пристигнување на Брзата помош.

„Медиумите лажат“, вели Вучиќ

Кога побара да се прикаже делот од снимката каде што, како што тврди, полицијата ѝ дозволува на Брзата помош да помине, таа снимка не беше прикажана.

„Она што е важно за нас како држава е да сфатиме дека ќе мораме многу нешта да промениме во образовниот систем. Приватниот сектор ќе мора дополнително да го зајакнеме. Нашата држава сега е целосно консолидирана. Вчера на улиците имаше вкупно 38.000 луѓе. Рекоа дека тоа е три пати помалку од 15 март. Според нашите пресметки, тоа е приближно 2,75 пати помалку“, изјави тој.

„Ги молев уште во февруари – прогласете победа“

„Лажат тие Шолакови медиуми, гледам и дека е покрената внатрешна истрага за украдени пари. Внесоа многу злоба во оваа земја. Имам проблем кога ги поттикнувате граѓаните едни против други, но немам проблем кога нападите се насочени кон мене“, рече Вучиќ.

„Ги молев уште во февруари: ‘Прогласете победа’, им реков дека ќе преминат на насилство пред два месеца, пред две недели, пред два дена, вчера. Луѓето се веќе сити од блокади, сити се што нивните деца не можат да ги завршат факултетите. Децата добиле индекс, па се правиме дека сè е во ред, ама не е сè во ред. Знаете ли што значи кога нешто не научите навреме? Сега оваа тажна приказна е завршена. Лажа дека ќе побегнам, а јас цело време вчера бев во Претседателството – малку во Претседателството, малку во Пионирскиот парк, таканаречениот Ќаќиленд. Сите нивни бајки и приказни се покажаа како празни. Она што ние го говоревме, се покажа како вистинито. На нас е да понудиме разговор за сите, за сите професори кои не учествувале во рушењето на државата. Владата утре ќе има тежок задаток, огорченоста е голема“, изјави Вучиќ.


Дачиќ: И во други влади сум бил министер за внатрешни работи

„И некои сега се чудат – велат, излегле кордони и ги предупредиле граѓаните да се разотидат. Па тоа е по закон. Кордони имаше и тогаш кога Вучиќ се налути на мене, па не сакаше да разговара со мене 3–4 години“, рече Дачиќ, на што Вучиќ одговори:

„Па ништо, само ме претепавте. И Ранко Паниќ беше убиен.“

Дачиќ повторно зборуваше за интервенцијата на полицијата.

Тој рече дека еден полицаец бил речиси киднапиран и вовлечен во толпата.

„Интервенцијата на полицијата започна дури откако пристигна Брзата помош. Мораше да се ослободи патот за да може повредениот полицаец да биде внесен внатре. Граѓанинот кој е задржан во болница има повеќе од 60 години. Значи, тој не е никаков студент“, рече Дачиќ.


„Ова се случувало само во времето на Хитлер“

„Постојано е огромно незадоволство во најголемата партија. Ѓокиќ покажа потполна неодговорност, а јас ќе дадам максимална поддршка на Мацути и ќе ги молам да направат тоа што и го направија. Сакав да не одам во Мадрид, во Шпанија, но не можам да најдам ниеден повод – затоа што сè е во ред. Ќе видиме каква одговорност не очекува. Ноќеска добив повеќе од 600 пораки со текст: ‘Победа на Видовден’. Можеби згрешив што зборував за тоа. Нашата победа вреди само ако сме сите обединети. Мораме да им подадеме рака на сите, но договор со терористи нема да има – тие мора да сносат одговорност. Со оние што имаат поинакви политички идеи, што мислат дека нешто не сме направиле како што треба – со нив ќе разговараме, со нив ќе работиме.

Никогаш досега не сум го кажал ова, но на 15 март едно од моите деца мораше да го напушти Белград“, рече Вучиќ.

Потоа опиша наводен случај во кој му помогнал на еден човек да има плата од 5.000 евра, а тој потоа учествувал на протестите.

„Чекај, па јас ти овозможив да имаш поголема плата од мене. Ништо не е пократкотрајно од благодарноста – особено во политиката. Тоа беше пред четири месеци – никогаш повеќе нема да го побарам. Луѓето, кога ќе почувствуваат дека можат да угнетуваат други, така и се однесуваат. Професорите што се однесуваа чесно – беа линчувани. Синоќа делеа список со десет локации на кои ги уништуваа просториите на СНС. И таму беа уапсени. Ова се случувало само во времето на Хитлер. Сакам да им се заблагодарам на сите што непоколебливо веруваа во својата држава. Благодарам на сите што издржаа низ овие седум месеци полни со лаги и гнасотии.


На тие незнајковци од N1 и Нова С им порачувам да читаат книги од домашни автори, да читаат светска литература. Неверојатно е колку се неуки, а мислат дека сè знаат. Среќен сум што сè помина без жртви. Чисто чудо е што нема мртви. Ова е првиот собир во Србија на кој некој директно повика на насилство. Секоја полнолетна личност и секој постар малолетник ќе одговара. Толку граѓани беа загрозени, само за некој да си ги задоволи своите хирови.“

„Оние што тврдат дека имало 150 илјади луѓе – па зарем не ви е срам така да лажете? Затоа и поминувате така на сите избори, затоа што се обожавате самите себе. Голема благодарност до народот, го дочекавме крајот. Моја должност е да ви кажам дека ќе се бориме, ќе работиме и ќе градиме. Бескрајно ви благодарам за огромната поддршка. Србија победи, но таа победа ќе добие вистинско значење дури кога ќе се обединиме“, изјави Вучиќ.

„Што се однесува до пораката – имате зелено светло. Нашите разузнавачки служби знаат каде е донесена одлуката, кога е донесена. Четири–пет дена се расправаше за тоа која ќе биде последната реченица. Полицијата ќе реагира, и сите што повикуваа на братоубиство ќе сносат одговорност. Што се однесува до Брзата помош – полицијата се помести за да ѝ овозможи пристап на возилото, а демонстрантите се обидоа да се провлечат низ тој коридор. Што се однесува до говорите – тие се толку глупави, толку неверојатно глупави, што јас не сум вака зборувал ни во ’93-та, кога влегов во политиката“, рече тој.