ГЕРБ: Властите во Скопјe треба да ја запрат репресијата врз Бугарите во РСМ

Макфакс

13/06/2025

10:12

160

Големина на фонт

а а а

Пратеничката група на ГЕРБ изрази несогласување со пресудата на Основниот суд во Битола против Љубчо Георгиевски. Од собраниската говорница утрово, беше прочитана декларација на оваа тема, објави БГНЕС.

„Овој случај не е изолиран, туку еден од многуте што го потврдуваат прогонот на Бугарите во РСМ.

Од пратеничката група на ГЕРБ-СДС, изјавуваме дека оваа пресуда е целосно неприфатлива и ги повикуваме властите во Скопјe да ја запрат репресијата врз бугарската заедница и врз секој што го брани своето неотуѓиво право да се самоидентификува како Бугарин, изјави Јорданка Фандакова.

Оваа пресуда, според неа, е политички мотивирана, тоа е чин на репресија врз Бугарите во РСМ, чии права се систематски кршени.

„Време е властите во оваа земја-кандидат за членство во Европската Унија да престанат да го негираат постоењето на омраза, како и да престанат со сите дејствија што систематски ја поттикнуваат, особено против Бугарија и Бугарите во РСМ.

Бугарија не може и нема да остане рамнодушна кога нејзините граѓани и сонародници се изложени на неправда поради нивниот идентитет. Љубчо Георгиевски не е сам, целата бугарска држава и народ стојат зад него“, рече Фандакова.

БГНЕС во својот напис потсетува дека Основниот суд во Битола го осуди Љубчо Ѓоргиевски, претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, на затворска казна од една година, со услов од две години да не го повтори кривичното дело, предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.

Како што пренесува медиумот, бугарското Министерство за надворешни работи, вчера ја оцени казната како апсолутно неприфатлива.