Внуката на јапонскиот цар Нарухито, поранешната принцеза Мако, која се откажа од титулата и привилегиите на царската куќа на хризантемите поради љубовта кон својот сопруг, обичен граѓанин Кеи Комура, стана мајка.
Веста за приновата ја потврдија службеници на палатата во Токио, а според нивните зборови и мајката и бебето се добро, но не открија кога се родило бебето ниту полот на детето, пренесува АП.
Тоа е првото дете на скромната и мистериозна 33-годишна историчарка на уметност и нејзиниот сопруг, адвокат и врсник чија љубов ја подели Јапонија.
Се запознале во 2013 година
Мако и Кеи се запознале во 2013 година кога двајцата студирале на Меѓународниот христијански универзитет во близина на Токио, на кој студирала уметност и културно наследство. Потоа продолжила да работи како специјален истражувач во Музејот на Универзитетот во Токио. Таа студирала и историја на уметност на Универзитетот во Единбург во Шкотска и магистрирала на студии за музеи и галерии на Универзитетот во Лестер во Англија во 2016 година, пренесува „Пипл“.
Мако е ќерка на престолонаследникот Фумихито и внука на владејачкиот јапонски цар Нарухито. Таа и Кеи „неофицијално се свршија“ во 2017 година, а планираа да се венчаат во ноември 2018 година.
Избувна скандал
На почетокот, веста беше дочекана со воодушевување во Јапонија, но потоа избувна скандал кога беше откриено дека неговата мајка, вдовицата Кајо, не ги вратила 35.000 долари на својот поранешен свршеник, со кои сакала да ја плати школарините на својот син. Критичарите веднаш го нападнаа Кеи дека сакал да ја ожени принцезата само за пари или слава.
Тој, од друга страна, рече дека тоа е подарок, а не заем, и дека ќе ги врати парите, но не е познато дали го сторил тоа.
Мако во 2020 година јавно ја замоли јапонската јавност да ја поддржи нејзината одлука да се омажи за обичен човек.
„За нас не постои никој друг, нема друга личност на која можеме да се потпреме и во среќни и во несреќни моменти“, рече таа.
Се преселија во Њујорк
Принцезата Мако и Кеи се венчаа во октомври 2021 година, а од кралската куќа порачаа дека младенците не сакале голема венчавка „бидејќи нивниот брак не го слават многу луѓе“. Пред да се преселат во Њујорк, Мако одби 1,3 милиони долари на кои имала право откако го напушти кралското семејство.
„Ќе започнеме нов живот. Сигурна сум дека ќе се соочиме со тешкотии по тој пат. Но, токму како и досега, сакам да продолжам да ги здружувам силите со Кеи и да одам со него рамо до рамо. Има многумина кои разбираат колку е тешко да се живее додека ги следиме желбите на нашите срца, но се надевам дека можеме да создадеме општество во кое сите можеме да живееме и да ги поддржуваме чувствата едни на други“, изјавила принцезата во тоа време.