[ВИДЕО] Арсовска донесе докази во Обвинителството за дивоградба во Чаир, најави дека ќе достави за уште 150

Макфакс

31/05/2025

20:48

1.391

Големина на фонт

а а а

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска во Основното јавно обвинителство ги донесе доказите за легализирана дивоградба во Чаир со фалсификат документи. Според неа, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу е свесен дека сторил криивчно дело, затоа што еден час, откако таа го повика преку видео на Фејсбук, тој направил решение за поништување на сопственото решение за легализација.

„Доказ дека има направено кривично дело е тоа што го направи во изминатите денови. Да појаснам, на 27 мај откако излеговме на терен да алармираме за дивоградбата која што ја упишал базирана на фалсификати, еден час по нашето јавно излегување, додека се уште сме на терен и го чекаме Висар Ганиу да дојде и да ни ја презентира документација врз која што го извршил тоа запишување, тој прави решение за поништување на сопственото решение и го поднесува до Катастарот за недвижнини за да го избрише случајот за да може понатаму да ја уништи целата документација. Веднаш после еден ден, односно по помалку од 24 часа од приемот на документацијата во Катастарот на недвижнини во Град Скопје, самиот Катастар знаеше дека се неверодостојни“, кажа градоначалничката.

Арсовска вели дека за повикот на Обвинителството до Град Скопје дознала утрово од медиумите и нагласи дека доказите би требало да бидат добавени од Обвинителството по службена должност, бидејќи, како што рече, Град Скопје има пуштено повеќе од 15 соопштенија и сите наводи се јавно објавени. Сепак, најави дека ќе донесе 150 предмети.

„Не очекувам Обвинителството да влезе во Општина Чаир. И да влезат, ќе речат не нашле ништо, бидејќи сѐ е избришано. Но, во понеделник ќе дојдеме со 150 документи, бидејќи до понеделник не можат толку да избришат. Тука ги чекавме“, кажа градоначалничката.

Утринава од обвинителството рекоа дека Арсовска како службено лице мора да пријави ако има сознанија за кривично дело и да посочи на кои локации во Чаир се сомнева за незаконитости.

„Доколку градоначалничката како службено лице има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“ велат од Обвинителството.

Оттаму додаваат и дека се постапува по доставено известување од СВР Скопје и издадени се повеќе наредби по кои веќе се преземаат дејствија.

Во однос на заканите, Министерството за внатрешни работи е орган директно надлежен за заштита на животот на граѓаните, како и за откривање и спречување на тие што го загрозуваат, потенцираат од обвинителството и додаваат дека „ОЈО Скопје е на располагање преку дежурен јавен обвинител, веднаш без одлагање, доколку сака градоначалничката, да ја сослуша за сите сомненија, сознанија и закани и да ги провери сите околности“.

Арсовска неколкупати досега нагласи и дека добива и закани по живот. Денеска на новинарско прашањето дали се чувствува заштитено од државата, таа рече: „Од која држава, од оваа што дозволува да се легализираат објекти кои што вредат милиони евра на грбот на граѓаните?“