СДСМ бара оставка од директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски

Макфакс

02/06/2025

13:43

231

Големина на фонт

а а а

Во само 11 месеци, ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ го турнаа Фондот за здравство во бездна. Болниците не функционираат, фондот е празен, а системот е на колена, изјави Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ. Таа рече дека бараат оставка од директорот на Фондот, Сашо Клековски.

„Во Кочани – нема ниту завои, ниту инфузии, ниту лекови. Луѓе легнуваат по ходници, се чека со месеци за терапија, а владините партнеру уште не може да се договорат кој ќе биде министер откако диловите во здравството им пропаднаа. Наместо да ги расчисти криминалните тендери, да обезбедат лекови во болниците, да обезбеди вработувања и услови – Владата најавува зголемување на придонесите. Тоа значи: повеќе ќе ви земаат, а уште помалку ќе добиете. Сашо Клековски, директорот на Фондот, отворено зборува дека тоа е следниот чекор. Зголемување на давачките. Нов товар за секој работник, секое семејство, секој стопанственик“, рече таа.

Цветановски прашува каде се парите од придонесите досега и кој профитира додека пациенти страдаат?

„Дали фалат пари само затоа што на две фирми им се даваа огромни буџети од Фондот? Зголемување на здравственото осигурување не е реформа. Тоа е обид за покривање на неспособноста. Кој профитира од страдањето на пациентите? Кој прави бизнис со здравјето на народот? Граѓаните не смеат да ја платат цената за неспособноста на оваа власт. Бараме оставка од Клековски“, рече таа.