Дејан Милошевски – Македонец кој живее во САД и е почесен карате амбасадор на Македонија, стана првиот Македонец со добиена највисока континентална судиска лиценца „Referee A“ од Панамериканската федерација. Станува збор за едно од најпрестижните континентални признанија во светот на карате судењето, кое обично се добива по многу години искуство, и преку пет последователни лиценци – судија Ц,Б,А, Рефери Б и Рефери А.
Милошевски беше дел од американската судиска делегација составена од 21 судии, кои ја претставуваа САД на ова историско првенство.
Милошевски дополнително, ја освои и лиценцата за кати, со што стана единствениот Македонец во историјата со европска и панамериканска судиска лиценца.
„Се подготвував со страст и визија. Сакав да бидам најдобар и да покажам од каде доаѓам. Судев неколку финалиња и со гордост кажував: Јас сум од Македонија. После овој шампионат, секој член на PKF ќе знае за Македонија“, изјави Милошевски.
Изминатата недела, на најголемото Панамериканско карате првенство досега, организирано од ПКФ – Панамериканската Карате Федерација, беше забележан рекорден број натпреварувачи 563 натпреварувачи од 28 земји, а за прв пат беа вклучени категориите У21 и Пара Карате.