Точно како што преминот од физичко купување кон онлајн, а потоа и мобилно плаќање го означи новиот стандард во трговијата, така сега "Visa" поставува темели за нова ера – трговија водена од вештачка интелигенција.
Дури и ако активно не користите алатки базирани на вештачка интелигенција, многу е веројатно дека веќе користите платформа или услуга што во позадина ја користи – било преку новите генерации паметни телефони, било преку пребарувачи како "Google".
Но, сега вештачката интелигенција продира и во светот на трговијата. "Visa" ја претстави иницијативата "Visa Intelligent Commerce" (VIC), со која преку отворање на нивната платна мрежа за програмери и развојни инженери, ќе го трансформира начинот на онлајн купување, овозможувајќи "AI" агенти да пронаоѓаат производи и да купуваат во име на потрошувачите.
Како што објаснија на претставувањето, интелигентни агенти се компјутерски софтвери што можат флексибилно и самостојно, без интервенција на корисникот, да извршат поставени задачи – и потоа да го информираат корисникот за нивното завршување или за појавата на очекуван настан.
„Наскоро, купувачите ќе имаат "AI" агенти на располагање кои ќе прегледуваат, избираат и купуваат во нивно име“, изјави Џек Форестел, главен директор за производи и стратегија во "Visa". Овие агенти ќе бидат овластени за плаќања, што значи дека мора да бидат безбедни – не само за потрошувачите, туку и за банките и трговците.
Со "VIC", "AI" агентите ќе можат да купуваат производи врз основа на однапред дефинирани преференции на корисникот. Потрошувачот поставува ограничувања, а "Visa" се грижи за останатото.