„Пукање во кафич во Штип додека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ туркаат закон за либерализација на трговијата со оружје“, велат од партијата Левица

Макфакс

09/05/2025

08:53

469

Големина на фонт

а а а

„Вчерашните страшни сцени со пукање во кафич во центарот на Штип дополнително ја вознемири јавноста, додека премиерот Мицкоски и министерот Тошковски на партиски настани говорат дека народот никогаш не бил побезбеден. Можеби владејачката елита се чувствува безбедно на нивните скапи патувања, додека граѓаните стравуваат од престрелки на јавни места, каде има висока френквенција на родители со деца“, велат од партијата Левица.

„Премиерот Мицкоски додека дели благодарници на неговиот поранешен личен адвокат, а сега министер за внатрешни работи, Македонија колабира на безбедносно поле.

Партијата Левица обелоденува уште еден скандалозен чекор на екстремно неспособната владејачка гарнитура – имено, до Собранието е доставен предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за измени на Законот за оружје по скратена постапка, со кои дополнително се либерализира трговијата со оружје!

Со скандалозните измени се предвидува физичко лице да набавува до 500 куршуми годишно, со што драстично се подигнува сегашната граница од 200 куршуми годишно по физичко лице.

Дополнително, се овозможува физичко лице да врши неограничена набавка за сите видови оружје во Б и Ц категорија, наместо постоечките ограничувања кои се однесуваат само на набавка на пневматско оружје и нежлебени цевки.

Додека министерот Тошковски молчи за тендерите доделени на фирмата „Дон Холдинг” и манипулира со фактите на интервјуа во провладини медиуми – власта сака да протне законски измени кои се директен напад по јавната безбедност!

Партијата Левица јавно го прашува премиерот Мицкоски, кој очигледно продолжува да го штити катастрофалното работење на министерот за внатрешни работи: Дали паралелно се формира нова компанија за трговија со оружје (блиска до власта) која најмногу ќе има корист од либерализацијата на продажбата?!

Ја повикуваме и експертската јавност да се одважи за најавените измени за трговијата со оружје, со цел да се спречи носење на уште еден штетен закон кој дополнително ќе ја загрози и онака кревката безбедност“, се наведува во соопштението на партијата Левица.