Над 300 велосипедисти, рекреативци, спортисти и граѓани учествуваа на велосипедската тура „По патеката на оризот“ во чест на трагично загинатите во клубот „Пулс“, што заеднички ја организираа нивните семејства и Општина Кочани.
Учесниците, меѓу кои имаше деца и родители на жртвите, возеа на кружна патека во должина од 15 километри во правец на селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог, а на местото на трагедијата им беше оддадена едноминутна почит на настраданите.
-Заедно возиме велосипеди во чест на нашите трагично загинати деца и потсетуваме дека на 4 мај 1903 година во борба загина Гоце Делчев и животот го даде за Македонија да биде слободна. Денеска, на 4 мај 2025 година Македонија е заробена држава, заробена на авторитет што е сконцентриран во еден центар на моќ. Без контрола и баланс, ни го донесе педесеттиот ден од нашата болка, празнина, тежина и само тишина и молк. Кочани е во жалост, имаме колективна траума и тага, нема некој што не е допрен од трагедијата и бараме начин да искажеме почит кон трагично починатите, истакнаа во обраќањето родителите на настраданите.