Научници ја решија мистеријата на австриската мумија на „исушениот капелан“

Точка

02/05/2025

21:01

1.136

Големина на фонт

а а а

Австриски и германски научници конечно ја расветлија мистеријата околу мумифицираното тело за кое се верува дека му припаѓало на свештеник од 18. век, откривајќи дека балсамирањето било извршено преку ректумот.

Истражувачите долго не можеле да објаснат како дошло до мумификацијата, особено затоа што претходните рендгенски снимки не покажале присуство на материјали во внатрешноста на телото. Се претпоставува дека станува збор за свештеникот Франц Ксавер Сидлер фон Розенег, припадник на аристократско семејство, пренесува "The Guardian".

Фон Розенег починал во 1746 година на 38-годишна возраст, а бидејќи претходно се сметало дека телото е природно мумифицирано, мумијата го добила прекарот „капелан исушен на воздух“.

Сега експертите тврдат дека телото било намерно балсамирано. Стомачната и карличната празнина биле исполнети со дрвени струготини, гранчиња, ткаенини како коноп и свила, како и со цинк хлорид – супстанции кои впиваат течности од телото.

Андреас Нерлих, патолог од Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен и водечки автор на студијата, вели дека откритието било вистинско изненадување, бидејќи немало никакви надворешни траги за ваков процес.

„Ѕидот на телото не беше отворен – така што единствениот можен влез бил преку ректумот“, изјави Нерлих, нагласувајќи дека овој метод се разликува од познатите техники на балсамирање, вклучувајќи ги и оние од древен Египет.

При неодамнешната реконструкција на криптата, Нерлих и неговиот тим добиле дозвола за делумна обдукција, "CT" скенирање и други анализи.

Истражувачите утврдиле дека мумијата, чиј горен дел од телото е добро сочуван, а лицето, потколениците и стапалата покажуваат знаци на распаѓање, му припаѓала на маж, најверојатно на возраст од 35 до 45 години. Радиојаглеродно датирање на примерок од кожа покажало дека умрел некаде меѓу 1734 и 1780 година.

Овие податоци се совпаѓаат со тоа што е познатоза Сидлер, а анализата на коските, забите и кожата открила дека исхраната му била типична за локален парохиски свештеник, богата со животински производи и средноевропски видови житарки – уште еден доказ во полза на теоријата дека се работи за фон Розенег.

Како што е очекувано за свештеник од тоа време, на телото не се забележани траги од стрес, но било утврдено дека мажот пушел луле – што, според Нерлих, било вообичаено за тогашните црковни лица.

Покрај тоа, откриено е дека починал од туберкулоза, а научниците претпоставуваат дека балсамирањето било извршено за да се спречи зараза. Нерлих додава дека можно е и телото да било балсамирано со намера да биде вратено во манастирот Валдхаузен, каде што фон Розенег се замонашил.